Украинскиот фолк-рап бенд „Калуш оркестра“ со песната „Стефанија“ фаворит на Евровизија

Фото: Принтскрин од видео на јутјуб

Украинскиот бенд „Калуш оркестра“ по вчерашниот енергичен настап со песната „Стефанија“ на тековното натпреварување за најдобра песна на Евровизија 2022 се пласираше во финалето и стана еден од потенцијалните фаворити за победа откако видеото на Јутјуб од нивниот настап беше најгледано од сите останати 40 учеснички видеа, пренесува Вашингтон Пост.

Фолк-рап бендот во состав на Олег Писук, Ихор Диденчук и МС Килимен скокна на нозе и гордо го вееше украинското знаме откако официјално беше потврден нивниот пласман во финалето по настапот во првата рунда полу-финале на Евросонг што оваа година се одржува во Торино, Италија, пишува Би-би-си.

„Ако победиме, тоа ќе биде уште една можност да го потсетиме светот за нашата татковина, Украина, а со тоа да се зголеми и моралот во целата земја“, изјавил 27 годишниот Олег Писук.

Некои од стиховите на избраната песна на Украина биле пишувани пред војната, а сега тие добија двојно значење, бидејќи како што изјавил Писук, многумина сега почнале Украина да ја гледаат како своја мајка што на целата песна ѝ дава дополнително сентиментално значење.

„Рапот, флејтата, шеширчето, брејк танцот, светкавиот елек. Ние никогаш нема да бидеме кул како Калуш Орчестра“, напишаа на официјалниот Твитер профил на Евровизија.

Нашата евровизиска претставничка Андреа, со песната „Circles“ ќе настапи на втората полуфинална вечер, односно утре, 12 мај, а големото финале ќе се одржи во сабота на 14 мај.