fbpx

Украинци лежат пред руски воени возила пред најголемата нуклеарна централа во земјата

-

Најголемата нуклеарна централа во Украина е под контрола на руските сили, соопшти денеска, Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), повикувајќи се на информациите добиени од Москва, пренесе Би-Би-Си.

Според МААЕ, тие се повикуваат на официјално писмо од Москва, во кое до Агенцијата стигнало известување во кое се наведува дека нуклеарната централа Запорожје ја опслужува редовен персонал, дека истата работи нормално, како и во услови на нормално ниво на радијација.

Во Украина има 15 нуклеарни реактори разместени во четири нуклеарни централи, од кои „Запорожје“ е најголемата, а воедно и најголема во Европа.

Гроси изрази загриженост за можноста од нуклеарна несреќа во Украина во услови кога во земјата се водат интензивни оружени престрелки, ситуација заради која за денеска е закажан и состанок на одборот на гувернери на МААЕ.

Наспроти ваквото тврдење, локалните жители и вработените во нуклеарната централа Запорожје, во страв дека може да биде употребена како оружје против нив, се собраа денеска околу нуклеарната централа, за со жив штит да спречат минување на руските трупи, информираат украинските медиуми.

Покрај на оваа локација, голем број жители на Мелитопол од регионот Запорожје, денеска извикуваа „Одете си дома“ на руските војници кои го окупираа градот, објави Укринформ.

Олха Хаисумова, претседателка на невладината организација „Мелитополска свесна заедница“ го објави видеото од митингот на Фејсбук, на кое се слуша скандирање „Одете си дома“, „Невооружени сме“, „Оставете ја нашата земја“. На видеата кои ги сподели Хаисумова се гледааат и луѓе кои лежат на улиците пред воените руски возила за да го спречат нивното движење.

Украинските власти побараа помош од МААЕ и за координирање на безбедносните активности на локацијата на нуклеарната централа Чернобил во северна Украина, која беше заземена од руските војници.

Државната служба за вонредни состојби на Украина соопшти дека во последните 7 дена загинале 2.000 украински цивили и дека руските сили уништиле десетици инфраструктурни објекти, згради, училишта, болници и градинки. Исто така, од украинската служба соопштија дека итните служби спасиле 150 луѓе и изгаснале 400 пожари.

Асошиејтед Прес (АП) јавува дека Русија продолжува со нападите врз украинските градови со жители кои не успеале да се евакуираат, а долгиот конвој од руски тенкови и други возила напредува кон главниот град Киев.

Паралелно со воените напади на украинска територија, официјален Кремљ вели дека руската делегација ќе биде подготвена во среда навечер да ги продолжи разговорите со украинските претставници за војната во Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков им рече на новинарите дека во втората половина од денот,  руската делегација ќе ги чека украинските преговарачи.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски пак изјави дека Русија се обидува да ја избрише Украина и нејзиниот народ, бидејќи инвазијата на Владимир Путин денеска влезе во седмиот ден, со повеќе напади на сите фронтови, вклучително и очекуваниот напад на градот каде што се наоѓа најголемата европска нуклеарна централа.

Тој кажа дека одговорот на Западот не е доволен, повикувајќи на поголема меѓународна поддршка, вклучително и поддршка за обидот на Украина да се приклучи на Европската унија.

Поради целосна инвазија на Украина, кршење на меѓународното право и убиства на цивили, европратеничката Виола фон Крамон рече дека Русија мора да биде исфрлена од Советот за безбедност на ОН и да се одземе правото на вето.

„Русија на Путин стана непријателска држава која грубо ги прекрши сите клучни принципи на меѓународното право со инвазијата на Украина и убивањето цивили. Неприфатливо е режимот на убиства со такво искуство да е сè уште член на Советот за безбедност на Обединетите нации и може да стави вето на клучните резолуции“, изјави за Укринформ европратеничката од Германија, Виола фон Крамон-Таубадел.

„Сите злосторства извршени од Кремљ во Украина, смртта на секој цивил ќе бидат темелно истражени, светот ќе му служи на Путин [режимската] правда. Во меѓувреме, ние треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина со сите средства и да продолжиме да ја изолираме Русија од цивилизираниот свет“, сумираше таа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...