Десет епизоди од ТВ-серијата „Зоки Поки“ од 4 мај ќе се емитуваат секој понеделник и четврток во 20.15 часот на првата програма на Македонската радио телевизија. По емитувањето на МРТ, наредниот ден, епизодите ќе бидат достапни и на веб-страницата ZokiPoki.mk и на официјалниот YouTube канал.

Модерната екранизација на култната детска книга „Зоки Поки“ на писателката Оливера Николова е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Екипата на серијата се одлучила за екранизација токму на „Зоки Поки“ поради неговата релевантност за многу различни генерации и со цел збогатување на домашната ТВ програма за деца.

„Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, екипата создаде ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време, но и на родителите со кои се надеваме заеднички ќе поминат квалитетно време со своите деца пред ТВ екраните“ – вели продуцентот Роберт Насков.