Тужба за МОН бидејќи не обезбеди учебници за сите ученици

MОН го повреди правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование, велат од КСЗД

Фото: МОН

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната седница донела одлука да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука (МОН) поради тоа што недостасуваат учебници во основното образование.

„МОН го повреди правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование“, наведува КСЗД во соопштението.

Дека МОН се соочува со тужба, најави и вчера на прес-конференција Весна Бендевска, членката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Таа кажа дека од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година Министерството за образование и наука не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто учебници, што е повеќе од една третина.

Денеска од МОН излегоа со образложение дека немале законски механизми да влијаат на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет.

„А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да треба да се направат неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот“, појаснуваат од МОН.