fbpx

Тунески: Бараме оставка од раководниот тим на МЕПСО!

-

Најмалку што може да направи раководството на МЕПСО, по скандалот во којшто околу 200.000 луѓе во земјава останаа без струја или без електрични апарати поради „има – нема струја“ и променлив напон, е да си поднесе колективна оставка!, реагираше денеска на прес-конференција Атанаско Тунески, член на Комисијата за енергетика на СДСМ.

– Молчењето нема да го спаси раководниот тим на МЕПСО од одговорност за неразумните потези во соработка со власта и со трошењето на парите на граѓаните во барокни фасади, ски-центри и прослави, наместо во соодветно одржување на електро-мрежа. Еве што говорат информациите: вкупниот годишен приход на МЕПСО за пренос на електрична енергија изнесува нецели 35.000.000 евра (34.827.406 евра или 2.141.885.489 денари). Тука не се вклучени луксузите за фасади, ски-центри, прослави, туку парите на граѓаните се за покривање тековни оперативни трошоци. Но, МЕПСО, една третина од овие пари, или 10,5 милиони евра, троши за барокна фасада. Компанијата не троши само за барок, туку го шири својот интерес и кон туризам. 2,6 милиони евра пари на граѓаните за струја, одат за сноуборд-патеки на Пониква и во Крушево! Небаре се работи за агенција за развој на туризмот, а не за компанија задолжена за стабилен пренос на електрична енергија – истакна Тунески.

Туристичките афинитети на МЕПСО не завршуваат со Пониква и со Крушево, реагира тој.

– Државната компанија си дозволува да потроши околу 200.000 евра пари од граѓаните за студија за оправданост за развој на зимскиот туризам на Јабланица! Дури 200.000 евра, за 100 страници хартија, во коишто се испишани желбите на власта, додека во околината на Јабланица има населени места што не можат да бидат сигурно и навремено снабдени со струја, поради слабите конекции на преносната мрежа во сопственост на АД МЕПСО. Капак на барокот и на туризмот на МЕПСО, се трошењата на рекламни агенции и на ресторани, за 10-годишнината од своето постоење што ја прославија со раскошна храна и со пијалаци, 10-минутен рекламен висеоспот, како да се работи за кралски прием. Менаџментот на МЕПСО, во студијата за развој на преносната мрежа изработена уште во јули 2011 година, увидел дека во охридиско-струшкиот и во битолскиот регион се потребни итни инвестиции во преносната мрежа. Еве го тој документ (види фото). До ден-денес не е инвестиран ниту денар! Значи граѓаните плаќаат, за раководството на МЕПСО да ѝ удоволи на власта на Груевски, да слават, да јадат и да пијат, да се скијаат и да се санкаат, а околу 200.000 граѓани не можат да се погледнат со блиските ни во очи за да си честитаат Нова година, зашто во 21 век немаат струја! Колку нè чинат авантурите на МЕПСО? Цената за пренос и за управување на електроенергетскиот систем од АД МЕПСО од 2006 до 2014 година порасна за околу 270 проценти! За што? За испади, за несигурно и за недоверливо снабдување со електрична енергија? Бараме веднаш оставка од раководниот тим на МЕПСО! – рече Тунески.

foto sdsm

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...