На седницата одржана вечерва, централниот одбор на СДСМ го поздрави исполнувањето на двата услови што ги постави партијата.
„Се спречи одржување на криминални избори на 5 јуни и аболицијата целосно се поништи. Ова ќе беше невозможно без огромната упорност, храброст и решителност на илјадници граѓани, кои мирно и достоинствено протестираа на улиците во Македонија, за враќање на правдата, слободата и на демократијата“, соопштија од партијата.
Централниот одбор на СДСМ ги овластил претседателот Зоран Заев и раководството на партијата да го продолжат процесот за излез од политичката криза преку обезбедување и осигурување на владеењето на правото, како и исполнување на условите за одржување на регуларни, фер, демократски и веродостојни избори.