fbpx

Ципрас со пакет мерки за добрососедство со Македонија

-

Грчката влада размислува за нова дипломатска иницијатива кон Македонија. Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, се чини планира да ѝ предложи на македонската влада пакет мерки за градење на довербата меѓу двете страни, кои, според првичните информации, главно, би се однесувале на справување со проблемите со иредентизмот, кој грчката страна смета дека се спроведува многу силно од Владата во Скопје.

Информацијата за обидот на Коѕиас да се бори со иредентистичките тенденции на македонската влада ја пренесуваат сите до еден релевантни грчки медиуми, „Катимерини“, „То вима“, „Етнос“, повикувајќи се на високи извори во грчкото Министерство за надворешни работи.

Коѕиас пред неколку дена истакна дека, според него, клучниот проблем меѓу двете страни не е спорот за името, туку иредентизмот од македонска страна и изрази став дека е неправедно да се вршат притисоци врз Грција околу името кога главниот виновник е на сосема друга адреса.

Според Коѕиас, иредентизмот само го влошува недоразбирањето што постои поради името, поради што апелираше македонската влада да се свести и да престане со ваквото однесување за да се придвижат работите меѓу двете страни. Се чини дека Коѕиас со дипломатската иницијатива за мерки за градење на доверба ќе се обиде да го „излекува“ овој проблем и тенденции, кои смета дека постојат од страна на македонската влада. Весникот „То вима“ пренесува дека мерките за кои размислува Коѕиас се околу учебници, картите, мапите и ред други работи. Меѓутоа, мерките, се чини, сè уште се во фаза на развивање и оцените во грчкото МНР се дека треба да има детална дискусија и добро анализа на работите пред да се испрати конечен пакет и иницијатива до македонската страна.

– Главниот проблем е иредентизмот. Ќе се обидеме да преговараме околу иредентизмот – изјавил близок соговорник на Коѕиас за весникот „Прото тема“, додавајќи дека Грција има направено многу чекори и иницијативи на кои македонската влада не одговорила.

Весникот „Катимерини“, пак, оценува дека ова ќе биде добронамерен чeкор, истакнувајќи дека идејата ја поддржуваат и други земји-членки на ЕУ. Во текстот на „Катимерини“ се забележува дека извор од грчкото МНР подвлекол дека и СИРИЗА и Независни Грци се на иста линија кога се работи за справување со проблемот со иредентизмот и дека нема некаква промена во однос на грчките ставови околу спорот за името.

Со оваа најава станува повеќе од јасно дека новата грчка влада ќе игра на картата иредентизам, тема која и самиот Алексис Ципрас уште како опозициски лидер ја споменуваше како проблем кој им штети на политичките и на народните врски на двете земји. За потсетување, претходната грчка влада и министерот за надворешни работи, Евангелос Венизелос, ја заострија реториката кон Македонија, истакнувајќи дека нашето тапкање во место за влез во меѓународните институции не е спорот за името туку недостигот од демократски вредности, проблемите со слободата на печатот и зависноста на судството од државата, а оваа влада сега фокусот го става на иредентизмот и обидот тој да се излечи за да се решат проблемите меѓу двете страни.

Последната официјална иницијатива од грчка страна дојде во време кога Димитрис Аврамопулос беше министер за надворешни работи. Аврамопулос испрати меморандум за разбирање, кој предлагаше договарање рамка во која ќе се реши името, односно рамка по мерки на грчките барања за сложено име со географска одредница ерга омнес, договор да не се злоупотребуваат спорните симболи и договор да нема обиди за нарушување на постоечките територијални граници меѓу двете страни.

Во исто време кога грчкото МНР се подготвува за мерки за градење доверба, грчката дијаспора бара од владата да не дозволи да се предаде името Македонија. Грчките панмакедонски организации бараат конечното решение да биде сложено име со географска одредница, меѓутоа да не го содржи терминот Македонија.

„Едно сложено име со географска одредница кое нема да има терминот Македонија како „Централна Балканска Република“ ги задоволува географските критериуми и етнолошкиот состав на БЈРМ“, се вели во писмото до грчката влада.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Столе Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2024 година

Столе Стојан Попов е овогодишниот добитник на наградата „Златен објектив“ која се доделува секоја година на 29 април по повод роденденот на Кинотека на Северна Македонија. Признанието „Златен објектив“ се...