fbpx

Ципрас ја изгуби поддршката од Независни Грци

-

Во трка за освојување гласачи се фрлаат владата и опозициските партии во следните 72 часа, колку што преостануваат до референдумот во Грција. Гласачите ќе треба да се изјаснат дали се за или против мерките на европските партнери, кои владата смета дека се нефер за грчкото општество, и со тоа да одговорат и на прашањето дали ѝ даваат поддршка на владата да продолжи со пркосот против европските институции или, пак, да завртат грб на овој обид.

Во обид да се осигура побезбедна иднина на Грција во ЕУ, голем број поранешните грчки премиери, Костас Симитис, Константинос Караманлис, Константинос Мицотакис, упатија јавен апел до граѓаните на референдумот да гласаат за мерките, за да не ја стават Грција во неизвесна ситуација.

– В недела гласаме „за“. Политиките на Еврозоната прават големи притисоци, но само така ќе осигураме финансирање за нашата економија и поддршка на развојот на државата. „Не“ на референдумот значи „не“ на економската стабилност, финансирањето на државата. „Не“ ќе доведе до ескалација на кризата и истоштување“, истакнува Симитис, премиерот кој ја внесе Грција во Еврозоната, во својот апел до граѓаните.

Караманлис, во обид да покаже разбирање за тешкотиите, во обраќањето, прво по неговиот пораз во 2009 година, вели дека ЕУ несомнено има недостатоци, но Европа, и покрај сè, е домот на Грција.
– Грција е неразделен дел од ЕУ. Тоа треба да го потврдиме одлучно. Во недела велиме „да“ за Европа со целосна почит на единството и на жртвите на Грците – истакна Караманлис.

Кон „лобито“ за позитивен одговор на референдумот се приклонети сите опозициски медиуми, кои упатуваат сериозна критика кон пресвртот што го направи Ципрас со референдумот и неговата вчерашна ризична игра на двоумење и на паралелни критики и на прифаќање на условите на кредиторите, барајќи од владата да даде јасен одговор кон што води нејзината политика на одбивање на сите мерки и кој е „планот Б“ кон кој ќе се приклони владата доколку граѓаните застанат на нејзина страна.

„Господине Ципрас, одлучете се веќе еднаш“, пишува „То вима“, критикувајќи го неговото поигрување со државата и инаетењето да не разговара со други освен со неговите истомисленици.

„Катимерини“, пак, пренесува дека грчкиот народ сè уште не може да разбере зошто ѝ се случува сето ова на државата.

„Ципрас можеше уште од февруари да се договори за предлозите на Жан-Клод Јункер и за нова програма со подобри услови. Сега постојано ги урива мостовите околу себе, креирајќи огромен јаз во довербата меѓу Грција и ЕУ“, пишува весникот.

Меѓутоа, освен опозицијата, послушност на Ципрас почнуваат да му откажуваат и пратеници кои се дел од владината коалиција.

Ризичните потези на грчката влада, нејасноста околу постојаното менување на позициите на Ципрас, се чини, полека создаваат пукнатини во владината коалиција.

„Катимерини“ пренесува дека веќе тројца пратеници од Независни Грци, Василис Кокалис, Костас Дамаволитис и Димитрис Каменос, се наклонети кон гласање „за“ на референдумот, наспроти владиниот став, и со своите изјави и со несогласувањето со затворањето на банките ги повикуваат и гласачите добро да размислат на која страна ќе застанат. Кокалис и Каменос веќе повикаа на отповикување на одлуката за референдум, посочувајќи дека не треба да постои егоизам во политиката.

Раздорот меѓу граѓаните и политичарите веќе е видлив, од расправиите по социјалните медиуми, активните лобирања, до острите критики и закани од политичките лидери.

Човекот што го носи товарот за финансиските одлуки, Јанис Варуфакис, најави оставка доколку мнозинството од народот изгласа поддршка на мерките на европските институции, посочувајќи дека не планира да потпише договор кој не вклучува олеснување на долгот.

Дали и што ќе донесе ризикот на премиерот Ципрас со одлуката за референдум, од ден на ден станува сè понеизвесно. Граѓаните стравуваат дали воопшто повторно ќе ги видат своите заштеди во банките, за кои медиумите предупредуваат дека може да отворат само ако има нов договор со европските институции или, пак, ако Грција ѝ се врати на драхмата. Аналитичари кои ги следат случувањата, коментираат дека доколку дојде до враќање на драхмата и до пропаѓање на сите заштеди, Грција ја очекува нов финансиски и граѓански пекол.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...