Три македонски филма годинава поддржани од Еуримаж

Проектот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на младата режисерка Дина Дума доби поддршка од паневропскиот филмски фонд во износ од 350.000 евра

Радмила Живановиќ и Дина Дума. Фото: Мета.мк

Филмскиот проект на младата режисерка Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ доби поддршка од паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ во износ од 350.000 евра.

Ова е трет македонски проект што годинава доби средства од овој филмски фонд.

„Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект кој годинава доби средства е ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’ во режија на Дина Дума. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент ‘Сестри и брат Митевски’, ‘Ентре Чиен Луп Сцрл’ од Белгија и ‘Вертиго / Терминал 3’ од Словенија“, изјави националната претставничка во Еуримаж, Тања Ќурчинска Пепељугоска.

Таа додаде и дека бројот на пријавени копродукциски проекти се зголемува секоја сесија, а на последната биле пријавени 111 проекти, од кои 99 биле оценувани. Од нив, пак, финансиска поддршка добиле само 29.

Проектот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ бил оценет одлично и рангиран на високото трето место во својата група, а коментарите за него биле позитивни: „млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи“, „сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот“, „сериозен продуцентски тим“.

Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година, а оваа 20-та јубилејна година во пан-европскиот филмски фонд завршува со вкупно 775.000 евра – средства доделени за македонски проекти. Покрај проектот на Дина Дума, претходно годинава поддршка добија филмските проекти „ДиЏеј Ахмет“ на Георги Унковски и „Човек против јато“ на Тамара Котевска.

„Очекувам дека за 2 до 2 и пол години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните националните фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“, вели Ќурчинска Пепељугоска.