Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ со две награди на Сараевскиот филмски фестивал

фото: Агенција за филм на Република Северна Македонија

Најновиот филм во подготовка „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, а во продукција на „Сестри и брат Митевски“ освои две награди за развој во програмата Синелинк на 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал, соопштија од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Станува збор за Синелинк награда од Филмскиот центар на Србија и наградата Женски гласови од Словенскиот филмски центар, двете во износ од по 10.000 евра.

Овој проект на Дума бил селектиран и како еден од шесте филмови во најпрестижната програма за развој на Канскиот филмски фестивал 2022, Резиденс на Кан, во ателјето на Канската Синефондасион.

„Огромно е признанието кое пристигнува од Сараево, од најзначајниот регионален копродукциски маркет, бидејќи „Скејтањето не е за девојчиња“ беше во конкуренција за награди со 46 филмски проекти во развој, а го препознаа две меѓународни жирија составени од признаени филмски дејци независни едно од друго“, соопштија од Агенцијата за филм.

Инаку, Сараевскиот филмски фестивал се затвора вечерва со најновиот филм на Пјер Жалица, „Празник на Трудот“, каде „Сестри и брат Митевски Продукција“ се појавува како македонски копродуцент. Овој проект бил поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм.