Премиерот Зоран Заев вчера добил писмо од американскиот претседател, Доналд Трамп, во кое тој во име на американскиот народ, честита за ратификацијата и имплементацијата на договорот од Преспа и нагласува дека Северна Македонија е голем партнер на САД, информираат од владината прес-служба.

„Ова е најисториското достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор и сведочи за Вашето храбро лидерство. Преку Вашите напори со премиерот Ципрас обезбедивте постабилна и попросперитетна иднина не само за вашите две земји туку и за целиот регион. Вашата земја сега ќе го заземе местото што ѝ припаѓа во Северноатлантскиот сојуз како Република Северна Македонија“, стои во писмото на Трамп.

Американскиот претседател изразува надеж дека преспанскиот договор ќе послужи како инспирација за другите држави во регионот.

„Северна Македонија е голем партнер на САД. Ние се радуваме што ќе можеме да ве пречекаме како наш 30-ти сојузник во Северноатлантскиот сојуз и да продолжиме со нашата заедничка работа со цел да обезбедиме мир и просперитет на Западен Балкан“, истакнува Трамп.

Претседателот на САД во писмото потенцира дека со политичка храброст и способност за фокусирање на долгорочна корист наспроти краткорочни ризици, лидерите може да направат тешки компромиси кои се неопходни за да ги насочат своите земји на патот кон посветла иднина.

potus_ltr_to_zaev-1