Бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, кој една деценија владееше во Македонија, ја тестираше медиумската професионалност не само во Македонија, туку и во земјата каде што побегна – Унгарија, но и во земјите кои му беа попатни станици до добивањето унгарски азил. Голем број медиуми поради недостиг од официјални информации од институциите ѝ сервираа на јавноста написи, прилози, извештаи и анализи преполни со шпекулации, дезинформации и сензационализам. На пример, истрагата за начинот како Груевски побегна од Македонија и како се најде во унгарската амбасада во Тирана сè уште трае и како е направен овој дел од бегството е сè уште непознат. Арно ама, тоа не спречи редица медиуми да излезат со шпекулации и очигледни невистини и тоа многу брзо откако се дозна дека Груевски побегнал.

Од целата лепеза дезинформации што се појавија околу бегството на Груевски на 11 ноември, следниве пет „КриТинк“ ги издвои како најголеми, односно најфлагрантни во својата невистинитост, особено што произлегуваат од нечија имагинација, немаат никаква врска со реалноста и се покажаа комплетно неточни.

 

1. Трагата на Груевски води до вилата на Орбан
Во жарот на случувањата, по самото бегство на Груевски, телевизија 1ТВ објави „ексклузивна информација“ дека Груевски се наоѓа во вилата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, а дека првата вечер во Унгарија ја поминал во хотелот „Коринтија“ во Будимпешта. И двете дезинформации беа експресно демантирани. Еве го видеото од програмата на телевизијата таа вечер, а конкретната информација е од 33-тата минута:

2. Груевски фотографиран на преминот Хани Хоти
Албански медиум објави фотографија за која тврдеше дека го покажува Груевски на граничниот премин Хани Хоти помеѓу Албанија и Црна Гора, а македонски и унгарски медиуми ја презедоа без дополнителни проверки. Фотографијата е, всушност, најобичен принтскрин (стоп-кадар) од видеоклип направен пред речиси една година, на 21 декември 2017, кога Груевски вози „Пунто“ во центарот на Скопје, на еден од протестите на ВМРО-ДПМНЕ, предводејќи го протестниот конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за насилниот упад во Собранието од 27 април.

Еве го и видеото:

 

3. Груевски границата ја поминал преправен во женско
Оваа вест е пример за пинг-понг новинарство, односно информација објавена во една држава, па погрешно преземена во друга за на крајот истата држава од која потекнува информацијата да ја преземе погрешно преземената.

Македонскиот професор по право Владо Камбовски во интервју за порталот „Сакам да кажам“ рече дека Груевски „можеби и во женски алишта се скри и побегна од Македонија“. Некои унгарски медиуми буквално го сфатија професорот и објавија текстови со сензационалистички наслови во кои се тврди дека Груевски навистина ги поминал границите облечен како жена. Уште поголем хаос настана кога македонски медиуми ја презедоа оваа дезинформација и ја пласираа како ексклузивна вест.

 

4. Летал со авион на компанијата „Малев“
Српска „Политика“ објави дека Груевски патувал камуфлиран со очила и шапка и оти од Тирана до Будимпешта се возел со авион на компанијата „Малев“. Унгарскиот национален авиопревозник „Малев“ не лета од 3 февруари 2012 година, а повеќе не ни постои како фирма. „Политика“ го избриша овој текст од својата онлајн-архива.

 

5. Груевски ја поминал границата со бугарски пасош
Телевизија „Телма“ пренесе информација од унгарски медиум дека Груевски патот Скопје-Будимпешта го поминал со бугарски пасош. И ова беше веднаш демантирано и од бугарското Министерство за правда и од бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој написот го нарече лажна вест.