Објектот во кој е сместена новата судница во Идризово | Фото: Министерство за правда

Со поддршка на Европската Унија во рамките на ИПА акциската програма „Поддршка на Секторот Правда“, изградена е најголемата судница во државата во склоп на скопскиот затвор „Идризово“. Новиот дел од затворот се простира на 1.000 метри квадратни и има капацитет за вкупно околу 120 лица, информираат од Министерството за правда.

Во посета на новата судница во „Идризово“ беа министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Никола Бертолини, јавниот обвинител Љубомир Јовески, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и директорот на Управата за извршување на санкциите Јовица Стојановиќ.

Од Министерството за правда велат дека новата судница ќе овозможи притворените лица за тешки кривични дела да можат да се судат во самиот казнено поправен дом „Идризово“, со што ќе се избегне безбедносниот ризик за транспорт до судовите на опасните криминалци.

На овој начин, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе бидат заштедени значителни средства за транспорт на притворени и осудени лица во судовите, а воедно ќе се растерети и затворската служба и полицијата која учествува во спроводите на овие лица.

Причината за лоцирањето на оваа судница во Затворот „Идризово“ е затоа што во него во моментов се сместени околу 60 отсто од вкупниот број осудени лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, а во овој затвор ќе биде изграден и најголемиот притворски центар во државата, со што 80 отсто од вкупно притворените лица ќе бидат сместени во овој затвор.

Судницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видео конференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите.

Проектот е во вредност од 1.257.000 евра. Наскоро се очекува и опремување на судницата со мебел, по што ќе следи и нејзиното официјално отворање и пуштање во употреба.