Најмалку 4 лица загинаа, а 17 се повредени во терористичкиот напад што вчера вечер се случи во Виена. Еден од напаѓачите е убиен од австриската полиција, додека останатите тројца биле случајни минувачи во Виена. Пукањето се случило на шест различни локации во центарот на главниот град, јавува Би-би-си.
Австриската полиција трага по барем еден од напаѓачите, додека министерот за внатрешни работи на Австрија утрово побара од граѓаните на Виена да останат дома, а школите се затворени, објави Гардијан.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц вчерашниот настан го оквалификува како терористички напад, додека полицијата соопшти дека убиениот напаѓач бил симпатизер на Исламската држава.
На локацијата каде се убиени случајните минувачи е сместена главната синагога во Виена, но и бројни ресторани и барови. Во моментот на нападот, синагогата била затворена за посетители.
Во австрискиот главен град е распоредена полиција на клучни локации, додека и понатаму трае потерата.
Европските лидери се единствени во осудата на вчерашното пукање во Виена. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Французите го споделуваат шокот и тагата со австрискиот народ. Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е длабоко шокиран од страшниот напад во Виена, посочувајќи дека Обединетото Кралство е со мислите со народот на Австрија.
„Ние сме единствени со вас против теророт“, изјави Борис Џонсон.