Тамара Грујеска ќе ја претставува Македонија на Јуниорска Евровизија со „Кажи ми, кажи ми кој“

13-годишната Грујеска беше избрана за македонска претставничка на детската Евровизија преку аудиција што претходно годинава ја одржа МРТ

фото: Македонска радиотелевизија (МРТ)

Тамара Грујеска со песната „Кажи ми, кажи ми кој“ ќе ја претставува Северна Македонија на Јуниорската Евровизија која ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција.

13-годишната Грујеска беше избрана за македонска претставничка на детската Евровизија преку аудиција што претходно годинава ја одржа Македонската радио-телевизија (МРТ), додека песната со која ќе настапи беше објавена вчера.

Музиката на „Кажи ми, кажи ми кој“ е на Роберт Билбилов и Дарко Димитров, додека текстот на песната го напишале Билбилов и Коста Петров.

Детскиот натпревар за избор на песна на Евровизија годинава се случува по 21 пат, а ќе се одржи во Палатата Никаја во Ница, Франција, по победата на земјата на натпреварот минатата година кога првото место го освои Лисандро со песната „Oh maman!“.

И годинава на натпреварот ќе учествуваат шеснаесет земји.

Минатата година Македонија на јуниорската верзија на Евросонг ја претставуваа Лара, Јован и Ирина со песната „Животот е пред мене“. Со вкупно 54 поени, тие завршија на 14 место од вкупно 16 учесници.