Пристигнувањето на првите вакцини во земјава преку механизмот Ковакс го поздравија СЗО, УНИЦЕФ, Делегацијата на ЕУ во земјава и евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз и амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј.

На скопскиот аеродром утрово пристигна пратката на 24.000 дози на вакцини на „Оксфорд/Астра-Зенека“ против ковид-19.

Ова е прва во низата испораки на вакцини преку механизмот КОВАКС за кои Северна Македонија како самофинансирачка земја, плати во целост. Европската Унија е еден од субјектите кои најмногу имаат придонесено во оваа глобална иницијатива и сме среќни да го видиме тоа на дело преку доставување на ефективни и безбедни вакцини. ЕУ и нејзините земји-членки, дејствувајќи заедно како „Тимот Европа“ придонесе со над 2,2 милијарди евра за КОВАКС, вклучително и 1 милијарда евра од буџетот на ЕУ“ се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Скопје

Оттаму појаснуваат дека ЕУ демонстрираше солидарност со Северна Македонија и нејзините граѓани уште од самиот почеток на пандемијата, со  повеќе од 220 милиони евра за покривање на набавка на медицински материјали и опрема, поддршка за ранливите групи, деловните субјекти и невработените, како и макро-финансиска помош.

„Доставата во Северна Македонија на вакцините од КОВАКС почна со првата пратка од 24.000 вакцини на Астра-Зенека. „Тимот Европа“ е еден од најголемите придонесувачи во Ковакс-механизмот, што помага да бидеме сигурни дека безбедни вакцини ќе дојдат до сите нас подеднакво“, напиша на Твитер ЕУ амбасадорот Дејвид Гир.

За СЗО и УНИЦЕФ пристигнувањето на вакцините е значаен момент за подобра заштита

Д-р Џихан Тавила, претставничка на СЗО во земјава, 28 март 2021 | Фото: УНИЦЕФ

Пристигнувањето на вакцините преку КОВАКС денес, претставува значаен момент за подобра заштита на оние на кои тие им се најпотребни: здравствените и другите работници во првите редови, постарите лица и лицата кои страдаат од хронични состојби, а живеат во страв од инфекцијата“, рече д-р Џихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија на церемонијата на скопскиот аеродром.

„Време е да се пофали Министерството за здравство за сериозните напори на осврнување кон сите сложени аспекти на вакцинацијата против КОВИД и за утврдување на флексибилен план за вакцинација. Нашите партнери покажаа извонредна солидарност, поддржувајќи го КОВАКС финансиски, политички и локално, кревајќи го гласот во прилог на иницијативата КОВАКС. Но, има уште многу да се направи. Никој од нас не е безбеден сè додека сите не бидеме безбедни“, дополни д-р Тавила.

Патриција ди Џовани, претстаник на УНИЦЕФ во земјава. 28 март 2021. Фото: УНИЦЕФ

УНИЦЕФ е партнер на КОВАКС во набавката на вакцините за КОВИД-19 и навистина ми е драго што ја поддрживме оваа дистрибуција, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјава.

„Пандемијата на КОВИД-19 сериозно влијае врз животот на децата и младите, а имунизацијата ќе биде важен чекор кон закрепнување, вклучително и кон безбеден и целосен пристап до виталните услуги. Вакцините против КОВИД нудат надеж, но како што ќе продолжуваат да бидат достапни, мора да запомниме дека превентивните мерки како што се физичкото растојание, маските, вентилацијата и хигиената на рацете треба да продолжат и по вакцинирањето“, порача Ди Џовани.

Брнз: Ниедна нација не може да дејствува сама против овој глобален предизвик

И САД ѝ честиташе на Северна Македонија за пристигнувањето на 24.000 дози од вакцината на Астра-Зенека.

Оваа пратка, прва од неколкуте во наредните недели, e овозможена од Владата на Северна Македонија која ја покажува посветеноста за здравјето на своите граѓани преку искористување на COVAX системот за рамномерна распределба на вакцините за КОВИД-19, се вели во соопштението од амбасадата на САД во земјава

Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз на пристигнувањето на првите 24.000 вакцини од Ковакс-механизмот во земјава. 28 март 2021. Фото: Фејсбук-страница на министерот за здравство Венко Филипче

Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, обраќајќи се на настанот, ги нарече вакцините „дози на надеж“.

„Задоволна сум дека овие вакцини, овие дози на надеж, финансирани од вашата влада, пристигнаа преку COVAX денес. На сите земји им треба пристап до вакцините КОВИД-19 за да се запре пандемијата. Брзото ширење на КОВИД-19 покажа дека ниту една нација не може да дејствува сама против овој глобален предизвик’, нагласи Бурнс.

Честитки и од Велика Британија

Задоволство од постигнатото изрази на Твитер и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, која порача дека нејзината земја и понатаму ќе го поддржува Ковакс системот.

Рејчел Галовеј | Фото: Министерство за здравство

„Добро е да се види пристигнување на 24.000 „Оксфорд/АстраЗенека“ вакцини денеска преку Ковакс. Одлична работа на Министерството за здравство и мисиите на УНИЦЕФ, СЗО и ОН во Северна Македонија. Обединетото Кралство ќе продолжи да го поддржува КОВАКС до крајот на пандемијата на корона вирусот. Никој од нас не е безбеден додека сите не станат безбедни“, порача на Твитер амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј.