Студентите кои се сместени во еден од државните студентски домови што се под раководство на Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД „Скопје“) може да аплицираат за Студентска картичка која ќе има повеќе намени.
Како што информираа од ДСД „Скопје“, потребно е студентите да регистрираат профил на интернет-страницата на домот за да креираат нови договори за сместување, со што автоматски се креира и барање за студентска картичка.
Откако администраторите во студентскиот дом ќе го одобрат барањето, управникот на домот генерира договор во печатена форма што студентот треба да го потпише, по што ќе биде изготвена и студентската картичка.
Рокот за аплицирање за Студентска картичка истекува на 23 декември, а начинот на аплицирање детално е објаснет во видео што Државниот студентски дом го објави на социјалните мрежи.
„По приемот на студентската картичка, студентот може да започне со користење на поволностите кои истата ги нуди“, велат од ДСД „Скопје“ во објавеното видео.
На интернет-страницата на Државниот студентски дом пишува дека Студентската картичка студентите ќе можат да ја користат во мензата во домот каде што престојуваат за оброци, да вршат преглед и увид во месечните рати и да ги користат машините за рециклирање што се поставени во дел од домовите и со што ќе добиваат парични средства на картичката за секоја рециклирана амбалажа.
Во описот на картичката стои дека со неа студентите може да купуваат производи во бифеата во сите студентски домови и меѓусебно да си префрлаат парични средства, што најверојатно ќе биде овозможено подоцна, со оглед на тоа што во моментов во ниту еден студентски дом во Скопје нема студентско бифе.
Иако беше најавено дека ќе биде бесплатна, за Студентската картичка студентите платија 300 денари при вселувањето во државните студентски домови во Скопје.
Мета факт: Дигитализацијата при вселување во студентските домови во Скопје не функционира