Фото: Isaac Quesada on Unsplash

Потребно е да направи анализа и да се види зошто е голем бројот на смртни случаи како последица на ковид-19. Година и половина се занимаваме со пандемија, но сепак бројот на починати граѓани е голем, вели д-р Александар Стојанов, епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје. Според евиденцијата на Министерството за здравство, бројот на смртни случаи во изминатиот период се движи од 20 до 30 лица.

– Цело време се бројките големи. Официјално велат дека причина за тоа е што пациентите доцна доаѓаат на лекар, но сепак, тоа се високи бројки. Јас не би сакал да им се мешам во работата на клиничарите, тие ги лечат, тие знаат дали доцна доаѓаат на хоспитализација, дали имаат коморбидитети. И дополнително, самата болест е тепка. Не мислам дека протоколите наши се лоши, тие протоколи не ги измислиле нашите здравствени власти, туку ги дава Светската здравствена организација. Велат, нема болест, туку има болен човек, па така секој случај си е приказна за себе. Има и поединечен пристап кон пациентот – вели д-р Стојанов.

Тој не мисли дека луѓето за година и пол не научиле како треба да се однесуваат.

– Затоа сметам дека треба да се направи анализа за високите бројки, секој случај да се провери, каков бил случајот, како бил лечен пациентот и слично – додава тој.

Според последниот извештај на Министерството за здравство, во едно деноноќие евидентирани се 27 починати лица. Тие биле на возраст од 36 до 89 години. На 28 август евидентирани се 24 починати лица, а ден претходно, дури 36 починати лица, меѓу кои и 24 годишно момче. Според статистиката, и на 26 август починале 27 лица.