Средношколците се жалат дека класните раководители им барале пари за свидетелства, директорите негираат

Фото: Ivan Aleksic на Unsplash

Според Сојузот на средношколци на РСМ, класните раководители во средните училишта во државава на учениците им барале пари за свидетелства, во спротивно учениците не ги добивале истите сè додека не ја платат предвидената такса. Во Сојузот на средношколци сметаат дека барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование.

„Знаевме дека овие појави се случуваат поради нашите лични искуства, но, за жал, Сојузот функционираше само во два-три града и не можевме да контактираме со останатите средношколци. Така што, конкретните поплаки ги добиваме сега, односно од почетокот на јуни. Бидејќи оперираме во 14 градови, лесно можевме да согледаме дали истово се случува низ земјата. Средношколците почнаа да нè информираат во почетокот на јуни, но преку поплаките ни кажуваат дека пари им биле барани и во претходните учебни години“, велат од Сојузот на средношколци за Мета.мк.

Досега до нив пристигнале поплаки од ученици од тетовските гимназии „7 Март“ и „Кирил Пејчиновиќ“, економското средно училиште „8 Септември“, како и средните стручни училишта „Моша Пијаде“ и „Гоце Стојчевски“. Покрај тетовските средни училишта, Сојузот добил слични информации за средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во Скопје и кумановската гимназија „Гоце Делчев“.

Ана Марија Петковска, ученичка од средното училиште „Гоце Делчев“ во Куманово вели дека оваа пракса на барање пари важела за секој ученик без разлика која година е во училиштето, а плаќањето се вршело стриктно во готовина.

„На крајот на секоја учебна година, класните раководители нé известуваат дека мораме да платиме такса за свидетелствата, при што секој ученик мора да плати 50 денари на класниот благајник, а класниот благајник треба да води евиденција за тоа кој платил, парите потоа се предаваат на класниот раководител со се листата за тоа кој платил, а кој не платил. Доколку некој ученик не плати, тогаш тој е приморан да плати на денот на земање на сведителствата или дури во септември, а сведителството останува кај класниот раководител се до моментот кога ученикот ќе плати. Ова се случува на крај на секоја учебна година, веќе долг временски период. До сега немаме зборувано со професорите и никој се нема побунето, оти мислевме дека е така во секое средно училиште“ појаснува Ана Марија Петковска за Мета.мк.

Во разговор за Мета.мк, директорот на средното училиште „Зеф Љуш Марку“, Фарук Зекири вели дека дека нема информација за ваков тип на случаи, а воедно свидетелствата не се пристигнати до училиштето.

„Досега, од страна на ниту еден ученик од нашето училиште немаме добиено поплака во врска со оваа работа, во случај на поплака, како директор ќе преземам мерки. Исто така, сите раководители се информирани дека е строго забрането собирање пари од страна на учениците за печатењето на сведителствата“, изјави Зекири.

На ова се надоврзува и директорот на училиштето „Моша Пијаде“, Небојша Трпковски. Тој ги повикува институциите да ги решат овие случаи доколку има докази за истите.

„Ја прочитав таа објава и ова е многу симптоматично. Прво, затоа што свидетелствата не се ни стигнати да се изработат, а од друга страна училиштето не смее да ги наплаќа бидејќи класните раководители си имаат дополнителен хонорар за часот кој што го водат. Учениците не треба да бидат оштетени и злоупотребени, доколку има такви докази би ги повикал институциите да постапат како што треба. Никој не треба да заработува на грб на учениците“, додава Трпковски.

Ахмед Ќазими, шеф на секторот за образование во општина Тетово појаснува дека процесот на издавање на свидетелствата сè уште не е почнат.

„Тие прво ни доаѓаат од Биро за развој на образование и се издаваат бесплатно, во целиот процес не смее да се плати ништо. Директорите сè уште ги немаат примено свидетелствата и истите не се дистрибуирани. Немам никакви информации дека се барале пари од учениците, ги охрабрувам сите ученици и институции доколку имаат докази дека се бараат пари од нив, да се обратат до институциите и луѓето кои ја имаат злоупотребено службената положба да одговорат пред институциите и законот. Таква пракса никако не треба да постои“, вели Ќазими.

Од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) ги советуваат учениците написмено да се обратат до органите на училиштата.

„Секој ученик или група ученици кои даваат наводи дека од нив е побарана такса за свидетелства, најпрво ги упатуваме написмено да се обратат до органите на училиштата од кои ќе побараат писмено образложение за што точно им е побарана такса. Доколку се незадоволни од одговорот, ги упатувме да се обратат до нас со сите релевантни информации и ние како надлежна институција, за секој случај поединечно ќе извршиме инспекциски надзор“ велат од ДПИ.