Средношколците пресреќни што се враќаат на училиште, одржувањето растојание во училниците е проблем

Фото: Мета.мк

По речиси година и пол, основците и средношколците во државата денеска се вратија во училишните клупи. На влезовите во училиштата, ги пречекаа нивните наставници и професори кои ги спроведуваа до училниците. Наставата на првиот училишен ден беше со скратени часови. На учениците им беше мерена телесната температура, беше вршена дезинфекција, а во зградата не влегуваа сите наеднаш, туку клас по клас.

Ова е првпат учениците да се вратат во училишните клупи откако беше прогласена пандемија на ковид-19.

Александар Алексовски, професор по биологија во училиштето „Марија Кири Склодовска“ вели дека учениците се пресреќни што се враќаат назад во училиште.

– На првиот училиштен ден, се почитуваа протоколите, децата се пресреќни што се враќаат во училишните клупи. Тие сериозно си ја сфаќаат работата, сериозно сфаќаат дека треба да се држат до протоколот. Јас како нивен професор им реков, или ќе се придржуваме до правилата или ќе си го затвориме школото и ќе си учиме од дома. Тие не сакаат тоа да се случи, па затоа ги почитуваат правилата на однесување – вели Алексовски.

Некои директори на основни училишта со кои поразговаравме, рекоа дека невозможно е да се запази правилото за одржување физичка дистанца во училниците, со оглед на фактот дека една училница има 35 квадратни метри, а во неа учат 30 ученици. Што се однесува до другите правила, велат дека полесно е да се почитуваат.

Во државата има околу 987 училишта вклучувајќи ги и подрачните објекти, како и околу 188.000 основци и 71.000 средношколци. За најголем дел од нив, учебната година започна со физичко присуство. Исклучок се средношколците од општините Тетово и Гостивар, за кои владата вчера донесе одлука првите две седмици од учебната година да ја следат наставата онлајн. Онлајн настава ќе има и во првите седум дена во средните училишта што се лоцирани во општините Кичево и Струга.

На учениците пред влез во школите им се мери температура; Фото: Мета.мк

Согласно протоколите кои ги усвои Комисијата за заразни болести, редарска служба ќе ги контролира учениците на влезот и излезот на училиштето. Ред треба да има и за време на големите одмори. На вработените во училиштето, како и на учениците, при влез им се мери телесна температура. Ако некој има температура повисока од 37,4 степени, се упатува кај матичниот лекар. Во училиште не смее да влегува родител. Родител смее само да го остави детето до влезот на училиштето, од каде го презема наставник. Исклучок од ова правило се родителите на дечињата со посебни образовни потреби или нивните лични асистенти, кои имаат право да влезат.