Средношколците бараат собраниските пратеници да им овозможат бесплатен јавен превоз

Денес изминува точно еден месец од доставувањето на предлогот и токму затоа ги повикуваме сите пратеници во Собранието јасно да покажат дека навистина ги поддржуваат средношколците, велат од Сојузот на средношколци

Фото: Мета.мк

Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) информираше дека на 13 март до Собранието доставил предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование во однос на потребата од праведен и бесплатен јавен превоз за сите средношколци.

Сојузот потсетува на тогашното укажување дека ако во рок од 2 месеца, односно до 13 мај законот не биде донесен, средношколците ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за да се оцени уставноста на сегашните одредби.

„Денес изминува точно еден месец од доставувањето на предлогот и токму затоа ги повикуваме сите пратеници во Собранието јасно да покажат дека навистина ги поддржуваат средношколците, со што овој предлог ќе го внесат во собраниска процедура и ќе гласаат афирмативно за истиот“, велат од Сојузот на средношколци.

Средношколците појаснуваат дека предлог-законот го доставиле до претседателот на Собранието и до координаторите на сите пратенички групи, а бидејќи станува збор за кратки и несложени измени, велат дека пратениците имале доволно време да го разгледаат предлогот на законскиот текст и да изградат сопствен став по истиот.

„Потсетуваме дека сегашниот текст е производ на повеќе средби и разговори, така што дел од пратениците веќе имаат и претходно познавање на проблематиката. Оттука, предлогот е компромисен и консензуален. Очекувајќи предложените законски измени да добијат поддршка од сите пратеници и да бидат донесени по скратена постапка, Сојузот ги повикува координаторите на пратеничките групи и матичните тела да нè контактираат што поскоро“, апелира Сојузот на средношколци.