fbpx

Спојувањето празници е македонски изум

-

Скопје изгледа празно иако петок е работен ден.

Пред Нова година од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека празниците, како што се четврток (1 јануари ) и вторник и среда (6 и 7  јануари), Бадник и Божик, не треба да се спојуваат со петок (2 јануари) и со понеделник (5 јануари). Сепак, се чини дека вработените, најчесто тие од државната администрација, ги знаат сите „финти“, па и овојпат си ги споија овие студени денови. Така, дел од администрацијата празниците ги спојува со годишниот одмор, па првпат на работа годинава ќе бидат дури на 15 јануари.

Кај приватните фирми работата е поинаква. Сопствениците, за да ги намалат трошоците, а во услови кога немаат големи нарачки (ако станува збор за производство) или, пак, поради заштеда на ресурси, колективно ги спојуваат празниците.

Но, дали е во ред да се пресекува празникот со еден работен ден од неделата, како во случајов петок со викендот, или, сепак, логиката на Владата за неспојување на празниците е исправна?

Според социологот Али Пајазити, за работникот е добро ако се работи за еден ден, да се спои со престојниот викенд.

– Ефективно би било да се спои еден ден ако е расцепкан меѓу празник и викенд. Во тој еден ден работникот е дефокусиран и нема да го пружи целото знаење или, пак, целиот капацитет во исполнување на работните обврски. Во светот постои практика на „слободно време“ кога работникот во ниту еден случај не треба да биде поврзан со работодавците, со елементите на работното место, ниту ментално, ниту физички – изјави за „Мета“ Пајазити.

За економистот и поранешен заменик-министер за економија, Зоран Витанов, администрацијата во никој случај не смее да спојува празници затоа што ние ја плаќаме со наши пари и таа треба да ни ги испорача нејзините услуги.

– За приватните компании одлучуваат сопствениците. Пазарот сам ќе им каже дали треба да спојуваат празници или не. Само една алка од економијата, а тоа е продажбата, ги зголемува приходите, сите други прават трошоци. Затоа крајно нелогично би било ако продажбата ги спои празниците. Инаку, администрацијата треба да работи и да им биде на услуга на граѓаните – вели Витанов.

Професорот Трајко Славески, поранешен министер за финансии, исто така тврди дека Македонија има доволно празници и не е добро да се спојуваат со работни денови.

– Има некои земји кои се попрагматични и ги спојуваат празниците со викендите. Во САД, на пример, тоа се случува редовно – празниците да се спојуваат со викендите. Сепак, ние имаме доволно празниции. Не треба да се претерува со празнување и тоа треба да се случува како што е предвидено во Законот за празници, никако поинаку – тврди Славески.

Празниците во Македонија се поделени во четири категории, и тоа – државни, празници на Македонија, празници на малцинските заедници и верските за припадници на верските заедници. Сите заедно се 27 празнични дена. Од нив, пак, само шест се за сите граѓани на Македонија.

Според  статистиката, пак, вработените во ЕУ имаат по 10 до 12 платени празнични денови. Во Германија има девет празници што се одбележуваат во цела земја, и плус уште шест што се одбележуваат во одредени делови од земјата. Португалците имаат 11 празнични дена, додека, пак, во Обединетото Кралство има десетина празници низ сите земји, но и плус други што се слават во Шкотска, на пример, или во некоја од другите земји.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...