Техничкиот премиер Оливер Спасовски побара од пратениците во Собранието да ја разрешат техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, информираат од владата. Предлогот на премиерот утрово бил доставен до собраниските служби и истиот треба да биде ставен на дневен ред на следната седница.

– За сѐ може да има компромис, но, за непочитување на Уставот нема компромиси. Ако опозицијата мисли дека ситнопартиски интереси се поважни од иднината на државата, се лаже – изјави премиерот Спасовски.

Причина за доставениот предлог за разрешување на техничката министерка Мизрахи е нејзиното одбивање да ја постави таблата со новото уставно име „Република Северна Македонија“ за време на прес – конференциите што ги држи во седиштето на Министерството за труд и социјална политика.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров веќе посочи за пристигнатата вербална нота од Грција поради користењето на таблата на Министерството за труд и социјална политика, на која е испишано старото име „Република Македонија“. Поради фактот што станува збор за државна институција, со користењето на старата табла не се почитува Договорот од Преспа од страна на Министерството за труд и социјална политика.