fbpx

Спасовски: Нема опасност од терористички напади

-

Безбедносната состојба во Македонија во моментов е стабилна и нема опасност од терористички напади, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по денешната посета на Секторот за внатрешни работи Скопје, додавајќи дека е подигнато нивото на безбедност во земјава за да се превенираат можни несакани инциденти.

– Превентивно го подигнавме нивото на безбедност во Република Македонија за да превенираме можен терористички напад. Постојано имаме информации што ги добиваме од пријателските служби и од нашите внатрешни служби. Сите податоци се анализираат за да ја зачуваме безбедноста. За секој податок што ќе го добиеме, се вршат оперативни проверки – рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со информациите во медиумите дека група џихадисти на Исламска држава (ИД) по враќањето од Сирија се засолниле во околината на Скопје.

За состојбата со бегалците и со мигрантите на македонско-грчката граница, Спасовски изјави дека во текот на денешниот ден не биле регистрирани судири со македонската полиција, додавајќи дека синоќа имало тензии меѓу економските мигранти и бегалците во кампот од грчката страна на границата, а имало и обиди за илегално преминување на границата, при што била оштетена жичаната ограда на две места.

– Имаше тензии и инциденти на грчка територија во кампот на Грците помеѓу економските мигранти и бегалците и со тоа се справува грчката полиција. Се надевам дека ќе се донесе добра одлука на ниво на Европската унија (ЕУ) бидејќи ова не е прашање што може да го разреши само Република Македонија или регионот и врз основа на таа одлука да може заеднички преку решавање на овој проблем да се пропушти коридорот и да не се создаваат тензии на границите ниту со Македонија, ниту на која било држава во регионот – изјави Спасовски.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски при денешната работна посета на СВР Скопје бил информиран за тековната безбедносна состојба во градот Скопје, како и за условите и за околностите во кои функционира Секторот.

„Спасовски беше запознаен со неодамнешните измени во организационата поставеност на СВР Скопје, кои треба да придонесат за поголема функционалност и ефикасност. Истовремено, на министерот Спасовски му беа посочени и недостатоците со кои се соочуваат вработените во СВР Скопје“, стои во соопштението на МВР.

Спасовски по посетата изјави дека побарал до понеделеник, следната недела, да му биде доставена информација за сите случаи со напади врз новинари во Скопје и за тоа до каде е постапката и истрагата за нив, како и информација до каде е истрагата за нападот на Општина Центар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...