Принтскрин: МВР, Јутјуб

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција по затворањето на гласачките места на граѓаните им честиташе за изборниот ден, кој како што рече, минал во мирна и фер атмосфера, како што доликува на секоја демократска и слободна земја.

„Од досега пријавените случаи, МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на изборниот процес и на јавниот ред и мир во текот на гласањето“, рече Спасовски.

Тој додаде дека до 19.00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40%, во споредба со изборите во јули 2020 година.

„Така, годинава се пријавени 91 настан, за разлика од претходните избори кога беа пријавени 151 настани“,  рече Спасовски.

Во текот на денот до МВР биле пријавени 42 случаи на агитирање, како најчеста појава, од кои седум се отфрлени како неосновани, а по останатите се постапува. Според Спасовски, и во бројот на пријави за агитирање се бележи намалување од околу 40% за разлика од 75-те пријавени случаи на агитирање на минатогодишните избори.

Потоа, евидентирани се 13 пријави за изборен поткуп, од кои пет отфрлени како неосновани, 7 за упатување закани или вознемирување гласачи, 6 случаи за фотографирано гласачко ливче, 3 за излепен пропаганден материјал, по два настана за нарушување на јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачки места, за фотографирање гласачи, два за уништување гласачки материјал, по еден за фрлени гласачки ливчиња, гласање од страна на Ковид позитивно лице, попречување гласање, како и една кривична пријава за настан случен за време на молкот.

Најголемиот број пријавени настани се на подрачјето на СВР Скопје-22, СВР Штип-19, СВР Куманово -16, СВР Битола -14, СВР Тетово – осум, СВР Велес-пет, СВР Охрид-три, СВР Струмица-три и едно известување од Секторот за компјутерски криминал, а се однесува за подрачје на СВР Скопје.

„Пријавени се 7 случаи во кои се инволвирани полициски службеници, од кои 6 се проверени и од нив само две се основани (а се во врска со агитирање при вршење службени дејства), а еден е во фаза на расчистување“, рече Спасовски.

Министерот им се заблагодарам на сите припадници на МВР, кои одговорно ги извршија своите работни задачи и овозможија целиот процес да се спроведе мирно и безбедно, согласно сите законски прописи.

Посебна благодарност Спасовски упати до граѓаните затоа што навремено пријавувале нерегуларности, а полицијата можела веднаш и соодветно да одговори на пријавените незаконски активности во врска со изборниот процес, евентуални нарушувања на избирачкото право или нарушувања на јавниот ред и мир.

„Можам со задоволство да констатирам дека имавме изборен ден со незначителен број на неправилности, без сериозно нарушување на јавниот ред и мир. Уште еднаш им честитам на граѓаните и институциите на одлично спроведениот прв изборен круг на локалните избори, како што ѝ доликува на демократска земја, која што претендира да стане дел од европското семејство“, рече Спасовски.