fbpx

Сорос пред 30 години не го повикал НАТО да води војна со Русија

Сега знаеме, се разбира, дека тоа не се случи, но дека она што Сорос се плашеше дека ќе се случи е токму тоа што се случи: се појави националистички, авторитарен, затворен режим, кој ја одржува својата моќ вперувајќи го прстот кон непријателите внатре и надвор, анализира Телекс.ху

-

Џорџ Сорос не пишувал за потребата од поразување на Русите, ниту за жртвување на Источно-европејците за да се стори тоа. Напротив, тој во својот есеј се залага за економска поддршка за постсоветските републики, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека милијардерот Џорџ Сорос во документ кој го напишал во 1993 година, препорачал НАТО да води војна со Русија жртвувајќи го источно-европското население. Ваквото тврдење не е точно.

Само нештата да бидат појасни, стои во објавата која споделува фотографија со изнесеното тврдење.

Од споделената фотографија може да се забележи дека станува збор за видео кое го шири Раша тудеј, меѓународна телевизиска мрежа за вести, финансирана и контролирана од руската влада.

Унгарската веб-страницата ReMix News на 23 јануари 2023 година објави статија во која се тврди дека во 1993 година Џорџ Сорос напишал дека НАТО ќе користи војници од Источна Европа како топовско месо. Овој напис беше цитиран и од државниот унгарски медиум Híradó.hu (практично беше преведен, а делови од него беа копирани речиси од збор до збор), а беше реобјавен и од провладината Demokrata, пишува сајтот Телекс.ху во својата анализа на тврдењето дека Џорџ Сорос објавил документ во 1993 година, во кој препорачал НАТО да води војна со Русија користејќи го источноевропското население како топовско месо.

Објави со сличен наратив, дека Сорос повикувал да се користат народи како топовско месо за НАТО, на Фејсбук можат да се најдат и тука и тука.

Инаку, ReMix е информативна веб-страница која се фокусира на Централна Европа, делумно финансирана од Фондацијата Лајош Батјани, преку јавни средства. Во 2020 година, Átlátszó состави листа на сите врски, веб-страницата и партијата Фидес на унгарскиот претседател Виктор Орбан, нотира Телекс.ху.

Во написот на ReMix се анализира есеј на Џорџ Сорос од 1993 година, кој може да се најде и на неговата официјална веб-страница. Есејот е насловен: „Кон нов светски поредок: иднината на НАТО“ и во него тој дискутира за геополитичките ризици од распадот на Советскиот Сојуз.

Тој истакнува дека доколку западните лидери (особено САД) рано сфатиле дека Михаил Горбачов навистина сака да соработува и го искористиле тоа, Советскиот Сојуз можеби би останал голема сила, а заедно со САД би можеле да заземат водечка улога во ОН – не како противници од Студената војна, туку како сојузници кои соработуваат.

Но, Советскиот Сојуз се распадна, а со тоа и биполарниот светски поредок по Втората светска војна. САД останаа единствена суперсила, а Советскиот Сојуз беше заменет со вакуум – оттука и повикот на Сорос за нов светски поредоканализира Телекс.ху.

Фразата „нов светски поредок“ денес има многу поинакво значење отколку пред 30 години. Денес, оваа фраза најчесто се среќава во теориите на заговор и антизападните Фејсбук групи, најчесто во иста реченица со Бил Гејтс, големото рестартирање, глобалистите, депопулацијата, ковид пандемијата и вакцините, масоните и Евреите. Ова го посочува и ReMix во својот напис, но од другиот агол: дека мејнстрим медиумите го третираат терминот како теорија на заговор, иако е очигледно дека Сорос отворено го користи. (Вистиномер има дебанкирано многу дезинформции поврзани со „новиот светски поредок“).

Во есејот, Сорос зборува и за улогата што НАТО би ја играл во овој светски поредок. Тој признава дека организацијата е формирана за еден вид решение, воено, но тврди дека тоа не е она што е потребно по распадот на Советскиот Сојуз. Наместо тоа, според Сорос, неопходно е да се поддржи развојот на новите демократии и отворените општества.

Затворено општество, според Сорос, е она во кое постои централна моќ која ни кажува која е универзалната, единствена вистина, додека отворените општества не прифаќаат такво нешто – туку го признаваат правилото на правото и суверенитетот на државите. Во овие општества државата не се заснова на догма и државата не го угнетува општеството. Владата е избрана од народот, но може да се замени, а малцинствата и малцинските мислења се почитуваат. Затвореното општеството е поригидно и постабилно, но не може да се развива, додека отвореното општество се развива ефективно, но затоа е поранливо на колапс.

Решението Сорос го видел во тогашната американска иницијатива, Партнерството за мир, иако не во формата што САД ја замислиле. Суштината била иста: лабав систем на соработка меѓу НАТО и несојузничките земји. Милијардерот го видел ова како начин да се пополни празнината што ја оставил Советскиот Сојуз: Русија нема да биде повредена од приклучувањето на постсоветските земји-членки на Партнерството за мир бидејќи тие не се приклучуваат на НАТО, па затоа ќе се чувствува помалку загрозена.

Според него, во Партнерството нема место за гаранциите на НАТО (како што е член 5 за заемна одбрана со воена сила), туку поентата би била да им се помогне на земјите-членки да станат отворени општества, но со политички и економски средства, а не со воениобјаснува Телекс.ху во анализата.

Во есејот, Сорос детално објаснува како го замислува сето ова, иако признава дека има (мали) шанси сето тоа да се случи. Новиот светски поредок ќе се заснова на САД, како единствена преостаната голема сила и на отвореното општество како принцип на поредок и ќе се состои од мрежа на сојузи, од кои најважни би биле НАТО и Партнерството за мир, кој би ја опфатил целата северна хемисфера.

Ремикс истакнува извадок од написот во кој, според сајтот, Сорос пишува дека западните земји-членки на НАТО би ги користеле Источноевропејците како топовско месо, додека тие (западните членки) ќе даваат само технолошка поддршка.

Еве како гласи оригиналот од есејот на Сорос:

САД нема да бидат повикани да дејствуваат како полицаец на светот. Кога делуваат, би дејствувале заедно со другите. Патем, комбинацијата на жива сила од Источна Европа со техничките можности на НАТО во голема мера би го подобрила воениот потенцијал на Партнерството затоа што би го намалила ризикот од вреќи со тела за земјите од НАТО, што е главното ограничување на нивната подготвеност да дејствуваат. Ова е остварлива алтернатива на светскиот неред кој демне.

Овој став на Сорос е испуштен во написот на Ремикс, иако е важен за контекстот. Овде Сорос пишува дека сите знаат дека влијанието на САД во НАТО е премногу силно и дека на тоа треба да се спротивстави со зајакнувањето на другите земји-членки во организацијата и со враќањето на Французите со полноправно членство (што, патем, го направија подоцна во 2009 година). Тој ја нагласува и потребата од економска поддршка за земјите од Источна Европа, пишува Телекс.ху.

Така што, милијардерот не вели дека западните земји само ќе им дадат оружје на Источноевропејците за да ги водат нивните војни со нив, туку дека Партнерството за мир, проширено во што е можно повеќе земји, со воен арсенал обезбеден од НАТО, би бил добар начин да се избегнат можните вооружени конфликти.

Според Ремикс, Сорос пред 30 години совршено го опишал она што се случува сега: Источноевропејците умираат со западно оружје во рацете за да не мораат западните војници. Тие ја наведуваат војната во Виетнам како пример, на која тогаш јавноста не гледаше позитивно, иако загинаа помалку луѓе отколку во Украина сега. Сорос пишува и дека НАТО сакал што поскоро да им даде членство на што е можно повеќе земји од Централна Европа. Но, тоа не е она што тој всушност го кажува, тој вели дека овие земји сакале да станат членки што е можно поскоро, пред Русија да се здружи.

Во есејот, Сорос ја истакнува својата визија за Партнерството за мир: тој верувал дека тоа треба да биде економски атрактивен сојуз, толку атрактивен што и Русија би сакала да се приклучи. Но, со членството, ќе треба да се прифати дека НАТО може да покани која било земја-членка и во сопствен сојуз – така што Русија, која во теорија е економски просперитетна, не би можела и не би сакала да стави вето на идното проширување на НАТО.

Сега знаеме, се разбира, дека тоа не се случи, но дека она што Сорос се плашеше дека ќе се случи е токму тоа што се случи: се појави националистички, авторитарен, затворен режим, кој ја одржува својата моќ вперувајќи го прстот кон непријателите внатре и надвор, анализира Телекс.ху. Сорос во есејот ги наведува Србија и Хрватска како примери, бидејќи во 1980-тите и 1990-тите навистина постоеше видлив тренд владите во економски нестабилните поранешни советски републики и балканските земји да флертуваат со национализмот со цел да ја консолидираат својата моќ. Во тоа време се развиваа серија етнонационални конфликти и не беше јасно дали тие ќе го зафатат регионот – што го направи ова рационална грижа во тие денови.

Но, во есејот нема ниту збор за „на крајот Русите само ќе треба да бидат поразени“, заклучува Телекс.ху.

Од сето ова можеме да заклучиме дека Џорџ Сорос не пишувал за потребата од поразување на Русите, ниту за жртвување на Источноевропејците за да го стори тоа. Напротив, тој во својот есеј се залагал за економска поддршка за постсоветските републики. Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...