Соларен саем: Со инвестиции до 2030 година, обновливата енергија би ја зголемиле до 38 отсто

Повеќе од 20 компании од С. Македонија и од земјите од Западен Балкан од денеска до недела ќе изложуваат соларна опрема на Соларниот саем што се одржува во Скопје Сити Мол, во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и Македонската Соларна Асоцијација

Фото: Мета.мк

Повеќе од 20 компании од С. Македонија и од земјите од Западен Балкан од денеска до недела ќе изложуваат соларна опрема на Соларниот саем што се одржува во Скопје Сити Мол, во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и Македонската Соларна Асоцијација. На повеќе штандови посетителите можат да се запознаат со потребна опрема која можат да ја купат и вградат во своите домови или компании за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Производителите и трговците на соларна опрема нудат фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото-термални колектори, громобранска заштита, системи за греење, ладење и вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.

Во земјава, според Студијата за паметно енергетско планирање, на „Еко свест“ и МАНУ, која ја презентираше Алаксандар Дединец, 50 до 60 отсто од електричната енергија која се користи во земјава е увезена, како готов производ или како секундарен, преку увозот на јаглен и гас. Со оглед на преземените обврски на земјава за намалување на нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година за 82 отсто или 59 отсто на вкупните емисии од сите сектори, една од опциите е да се инвестира во обновливи извори на енергија. Целта која треба да се постигне до 2030 година е учество на обновливите извори на енергија од 38 отсто, кое сега изнесува околу 18 отсто.

„Со Стратегијата за енергетика е предвидено дека може да се инсталираат капацитети од околу 1.400 мегавати соларна и 750 мегавати ветерна енергија. Потребата од изградба на вакви капацитети порасна со енергетската криза, која беше актуелна изминатиот период, а со тоа и интересот на инвеститорите. Вкупниот инсталиран капацитет на соларните електрани во земјава пораснал од два на шест отсто од 2021 година досега“, рече Дединец.

Тој посочи дека Студијата, врз основа на разработена методологија утврдува локации каде што ќе биде најповолно да се градат овие капацитети и кои нема да ја загрозуваат природата, биодиверзитетот или водите. Целта е секој инвеститор да има насока каде може да планира и инвестира, за да не започнуваат проекти кои би имале сериозен импакт врз околината.

„Надобри локации што се издвоија за изградба на соларни и ветерни централи се на територија од околу 14.000 хектари во земјава на кои може да се инсталираат околу 11.000 мегавати соларни централи, или десетпати повеќе од тоа што е предвидено во Стратегијата за енергетика, а притоа да не се наруши животната средина“, посочи Дединец.

Саемот, како што велат од „Еко-свест“ е организиран со цел да се подигне јавната свест на граѓаните во земјата за климатските промени и да се отворат темите поврзани со правната рамка за обновливите извори на енергија.

„Сакаме да ја подигнеме свеста за моќта која ја имаат граѓаните како потрошувачи за да влијаат на подобрување и заштита на животната средина, штедење на струја и наедно пари, само така ќе се намалат последиците од климатските промени. На настанот ќе бидат присутни и граѓански организации кои работат во секторите животна средина, енергија и клима, па присутните ќе можат да се информираат повеќе и за нивните активности и кампањи“, истакна Жарко Конески, раководител на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ во Еко-свест.

Искористувањето на обновливите извори на енергија е еден од најефикасните начини за борба со климатските промени. Според претставниците на Македонската Соларна Асоцијација, „Солар Македонија“ тоа може да се постигне преку сеопфатна едукација на населението и зајакнување на капацитетите со зголемување на јавната свест за инвестиција во сертифицирана опрема според европска регулатива.

„Многу често зборуваме за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но ретко се прашуваме, кои сертификати и услови се неопходни при избор на најадекватниот систем. На овој саем граѓаните ќе можат да се едуцираат и информираат каква опрема се нуди кај нас, каде има субвенции, поволни кредитни линии за енергетска ефикасност и на лице место да погледнат во каква опрема би можеле да инвестираат“, рече професорот Илија Насов од асоцијацијата Солар Македонија.