fbpx

Собраниска седница за избор на замениците-министри, опозицијата ќе гласа против

-

Во Собранието на РСМ денеска се одржува 13. седница, на која се избираат замениците-министри во Владата на РСМ. Премиерот Зоран Заев во својот говор пред пратениците ги претстави имињата на предложените кандидати за заменици-министри.

„Убеден сум дека со еднакво силен ангажман замениците-министри ќе се посветат и на остварувањето на останатите приоритети како што се создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции“, рече премиерот Заев на почетокот на седницата, која во моментов е во тек.

Тој изјави дека резултатите од претходните три години покажале дека Владата е можно да обезбеди повисок економски раст и да создава нови работни места, паралелно со континуиран раст на платите. Заев повтори дека и покрај здравствено-економската криза, Владата ќе продолжи во остварување на заложбите за раст на минималната плата, на 20.000 денари и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат и најави дека наскоро ќе завршат консултациите и ќе биде објавен четвртиот пакет мерки за помош на македонската економија.

На самиот старт на денешната седница беше констатирана оставката на пратеникот Дамјан Манчевски, што ја соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ја најави процедурата за назначување на следниот од листата на пратеници. ДИК постапувајќи по извештајот од Собранието за оставката на Манчевски ги достави материјалите за следниот од листата пратеници од коалицијата СДСМ-БЕСА, а тоа е Диме Велковски.

По краткиот прекин, попладнево продолжи собраниската седница за избор на замениците-министри.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат за предложените имиња за пратеници, бидејќи како што сметаат од партијата, 4 имиња се спорни, а целиот избор на Владата се темели на лажни ветувања. Најостр е нивната реакција за заменикот за одбрана Башким Хасани. Пратеникот Никола Мицевски од говорницата запраша, дали овој професор по физичко е компетентен за оваа функција или е награден поради соработката во финансовата полиција.

ВМРО-ДПМНЕ е и против Агим Нухиу, предложениот заменик во Министерството за правда, како и против Зоран Маневски и Зоран Димитровски, предложените заменици министри за економија и за локална самоуправа.

За заменици-министри во владиниот кабинет предводен од премиерот Зоран Заев се предложени: Башким Хасани во Министерството за одбрана, Назим Буши во Министерството за внатрешни работи, Димитар Ковачевски за заменик на министер во Министерството за финансии, Агим Нухиу во Министерството за правда, Илхан Рахман, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмире Исаки во Министерството за надворешни работи, Зоран Маневски, за заменик министер со Министерството за економија, Трајан Димковски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Илир Хасани во Министерството за здравство, Арафат Шабани, за заменик на министер во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа, Седат Сулејмани, за заменик на министер во Министерството за култура, Александар Бајдевски во Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи во Министерството за транспорт и врски и Христина Оџаклиеска, за заменик министерка која раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...