Собранието на Република Македонија со 71 глас „за“ и со девет воздржани, ја избра новата преодна влада која ќе ја предводи премиерот Емил Димитриев.
Сите министри од претходниот состав ќе бидат министри и во преодната влада, вклучувајќи ги и министрите предложени од опозицијата, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и за труд и социјална политика, Фросина Ременски, кои не беа присутни на седницата.
Антонио Милошоски пред гласањето рече дека сè додека министрите од опозицијата не ги потпишат свечаните изјави, нивните функции ќе ги врши премиерот.
Министрите заедно со новиот премиер Димитриев дадоа свечана заклетва и ги потпишаа свечаните изјави.
Со изборот за премиер, на Димитриев му престана мандатот пратеник во Собранието.
Премиерот Димитриев, на почетокот на собраниската седница, рече дека владата на чие чело ќе биде тој ќе организира фер и демократски избори.
– Да се прифати улогата на премиер е голема одговорност и голема чест. Сакам да му се заблагодарам на Никола Гуевски за неговата политика која не дозволи ескалација на ситуацијата и овозможи државата да се извлече од тешката состојба. Му благодарам за довербата да ја водам оваа преодна влада. Сите ние треба мудро да дејствуваме во интерес на земјата и на граѓаните. Позицијата премиер ќе ја извршувам одговорно, а изборите што ќе ги организира оваа влада ќе бидат чесни и демократски – рече Димитриев на почетокот на седницата.
Тој ја повика опозицијата да биде конструктива во своето дејствување и порача дека заедно можат да направат добри работи за земјата.