Со половина час доцнење, почна второто продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која прва точка на дневен ред е изборот на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за избори и за именувања, а втора точка е изборот на претседател на Собранието.

Вчера претседавачот Трајко Вељаноски ја прекина седницата во 18 часот, иако пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, побара седницата да трае сè додека не се исцрпи дискусијата.

За да не се кочи изборот за претседател на Собранието, вчера 20 пратеници поднесоа предлог за кандидат за претседател на законодавниот дом на Република Македонија да биде Талат Џафери.

На вчерашната седница вкупно за збор се пријавија 51 пратеник, од кои 47 беа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, при што целата седница помина со нивни реплики и контрареплики за платформата на Албанците и „за зачувување на унитарноста и на суверенитетот на државата“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „го црпат правото за дебатирање од демократијата“.

– Легитимно е 20 пратеници да го предложат Џафери, но тие не смеат да го блокираат правото на Комисијата или на други 20 пратеници да предложат кандидат – рече Димовски.