Со лажни бомби против образованието: Честите прекини на наставата создаваат оштетени генерации

Фото: Архива на Мета.мк

Во периодот на ковид-пандемијата повеќе од една година училишните клупи беа заменети со монитори, а домовите се претворија во училници. Класичната настава беше принудно прекината што беше вистински предизвик и за учениците и за наставниот кадар. Изминатиов период повторно се случуваат подолготрајни прекини во наставата, при што учениците повеќе денови не се на училиште поради лажните дојави за поставени бомби.

Како се одразува на младите луѓе и нивните постигања и знаења прекинот на нормалниот тек на наставниот процес и какви штети предизвикуваат на долг рок ваквите нарушувања на редовната настава. На оваа тема поразговаравме со професорката Елизабета Секирарска од училиштето за средно образование „Перо Наков“ во Куманово. Таа повеќе од 30 години работи во секторот образование, но и имплементира современи методи и техники во наставата, а работи и како обучувач и развивач на компјутерски алатки за работа во предметите.

„Прекините на наставниот процес создаваат млади кои недоволно умеат да го совладаат матеројалот, а тоа се одразува и на степенот на знаење и на разбирање на тоа што се учи. И тоа е многу видливо“, вели Секирарска.

Според неа, ефектот од системот на учење од дома, под надзор и присуство на членовите на семејството, во ограничен заеднички простор и не секаде со неограничени ресурси, е ситуација на стрес. Такви чувства на несигурност, страв и неизвесност деновиве повторно постојат меѓу младите заради лажните дојави за поставени бомби во средните училишта во Скопје, поради што и наставата повторно беше во прекин.

„Силен е ефектот од ваквите сериозно големи закани врз учениците. Се наметнува прашањето, што тие значат за нивното ментално здравје и креирањето на нивните сериозни животни аспекти во услови на страв и паника. Оваа форма на сајбер напад е секако дел од поголемата слика, во која децата, за жал, повторно се само колатерална штета и дел од сложувалката, која за сите нас, заради грижата за нив како родители и наставници е најтешката“, појаснува професорката.

Според неа, двете ситуации ги врзува една неминовна нишка: состојбата во која децата се ставени вон училниците, како оној базичен учебен простор во кој тие растат и созреваат и кој го препознаваат како дел од учењето и дружбата, кои би требало да бидат непрекинати.

„Станува збор за генерации кои се соочени со дел од мачните придобивки на новото време и за жал, да – можат да се детектираат како оштетени генерации кои животот го учат и низ околности кои влеваат страв и паника и не оставаат поинаков простор за животни манипулации, освен прилагодување – и како ученици, и како млади луѓе на кои животот во оваа фаза, треба да им изгледа поинаку“, додава професорката.

Во овие ситуации, многу е важно влијанието на родителите кои ваквите состојби треба да им ги толкуваат на децата такви какви што реално се и тие треба да ги насочуваат на внимателност, соработка и сериозност. Според Секирарска, во педагошка смисла, огромно е влијанието на наставниците кои на децата треба да им ги олеснат ваквите предизвици, да делуваат смирувачки и да прават напор да им посочат дека и во услови на кризи од различни видови и со различен интензитет, тие се тука за нив.

„Оваа задача и за родителите и за наставниците не е едноставна, затоа што тешките околности, полни со неизвесност и реален страв што би можело да се случи се токму оние со и во кои децата денес живеат. Само свесноста дека им е потребна помош и поддршка во психолошка, во педагошка смисла може да им помогне полесно да се носат со товарот на времето во кое се формираат како луѓе“, вели таа.

Изминатиот месец, десетина скопски училишта добија вкупно осум лажни дојави за поставени бомби по што тие беа испразнети и полицијата вршеше антитерористички проверки. Учениците немаа настава. За сите дојави беше утврдено дека дека се лажни.

Дојавите редовно се доставуваат во среда, четврток или петок во текот на неделата, а како што потврди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, но и директорите на училиштата, се таргетираат истите смени на ученици.

Новинската агенција Мета успеа да добие копии од содржината од повеќето лажни дојави за бомби. Последната, која беше испратена пред точно една недела, се разликуваше од претходните во тоа што испраќачот бараше поткуп за наводно да не ја активирал бомбата.

Во лажната дојава испратена на 2 ноември содржнана беше и шегата на Путин што ја кажа за време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, со седиште во Москва. По оваа дојава беше приведено едно лице, но немаше обвинение.

Првата лажна дојава за поставена бомба беше испратена до скопските средни училишта на 26 октомври (среда).

Откако се случија лажните дојави и губењето настава, училиштните раководства чекаа насоки од МОН за тоа, како да се одработи и надомести пропуштеното. Одговорните во МОН истратија соопштение во кое им наложија на училиштата да најдат начин и да ги одработат пропуштените часови до крајот на првото полугодие, односно до Нова година.

Иако министерот Спасовски најави наскоро решавање на случајот, сè уште не се познати деталите за тоа кој го нарушува образовниот процес и сее страв кај учениците, нивните родители и наставници, како и кај целото општество.