Со граѓанска наука до заштита на природата: се мапираат растителните видови кај Вевчански извори

Мапирање на растителни видови кај Вевчански извори. Фото: Еко-свест и Натура МК

Еко-свест и Натура МК започнуваат со примена на граѓанска наука за да помогнат во идентификација и мапирање на растителни видови во Споменикот на природа „Вевчански извори“ и со тоа да овозможат подобар мониторинг и заштита на шумите во ова заштитено подрачје.

Еко-свест и Натура МК спроведуваат обука за правилно индентификување и мапирање на видови дрвја – буката, костенот и дабот преку користење на мобилната апликација INaturalist, отсега достапна и на македонски јазик. Во активноста се вклучени локални волонтери, ренџерската служба, планинари, наставници и други љубители на природата.

Со секоја идентификација на растение, податоците за видот и локацијата се евидентираат во отворен систем од кој може да се преземаат и користат за подобро управување со овие растителни заедници. Со ваквата активност Еко-свест и Натура МК ќе помогнат за подобра заштита на овие заедници од страна на управителот на заштитеното подрачје.

Споменикот на природа „Вевчански извори“ го доби својот План за управување во септември 2019 година и целата постапка беше спроведена со заеднички напори од Општината и Еко-свест, во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Планот за управување ја дефинира и потребата да се посвети посебно внимание на шумските екосистеми, особено на заедницата на стари костенови шуми.

Граѓанската наука претставува пристап кој се заснова на набљудувања и евидентирање на одредени појави од страна на граѓаните. Во овој случај, сите заинтересирани љубители на природата можат со користење на мобилната апликација INaturalist да придонесат со идентификација на живиот свет и негово мапирање. Користењето на оваа апликација е многу едноставно и лесно.

Во рамки на проектот Еко-свест и Натура МК подготвија и серија на едукативни материјали и упатства кои се споделени на јавни места во Вевчани и достапни онлајн. Во наредниот период предвидено е поинтензивна соработка со училиштето во Вевчани каде учениците ќе формираат еко-секција и преку интерактивни едукативни игри и едукативни прошетки во природа ќе научат уште повеќе за својата средина и како да ја зачуваат.

Проектот е финансиски поддржан од страна на Prespa Ohrid Nature Trust (PONT) и Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF).