Преполовено време за чекање на граница за патниците и годишни заштеди за државите од 8 милиони евра. Ова се најзначајните придобивки од воведувањето на заедничките гранични контроли во патниот сообраќај меѓу Северна Македонија и Србија на граничниот премин Табановце – Прешево.

Македонскиот премиер Зоран Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ денеска официјално го пуштија во употреба заедничкиот граничен премин Табановце – Прешево. По концептот „One Shop Stop“, во двете земји ќе се влегува и излегува со само едно застанување за регулирање на сите гранични формалности. На тој начин, времето на патување ќе се намали за половина, а ќе се зголеми и протокот на патници и стоки во двата правци.

– Предвидено е меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции – фитосанитарните и ветеринарните. „One Shop Stop“ ќе ја намали можноста за царински измами поради непосредниот увид во комерцијалните документи кои ја следат стоката – изјави премиерот Зоран Заев кој испрати и твит за настанот.


Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени дека воведувањето на заедничката гранична контрола претставува можен почеток на нова епоха во развојот на регионалната соработка меѓу земјите од Западниот Балкан.

Со воведувањето на заедничката гранична контрола, полицајците и цариниците од двете земји ќе работат во заеднички канцеларии, во кои на едно место ќе се врши контрола на сите гранични формалности. Договорот меѓу Северна Македонија и Србија беше потпишан меѓу двете влади на 12 јули годинава, по што беше експресно усвоен и од собранијата на двете земји.

Заедничките гранични контроли на преминот Табановце – Прешево засега ќе важат единствено за патниот сообраќај. Во делот на железницата, двојните контроли на границата ќе продолжат дури до 2023 година, до кога се очекува македонската влада да ја заврши изградбата на заедничкиот пограничен објект до железничката станица во Табановце.