Со дружење, музика, поезија и заедништво, УСС УКИМ го одбележа Меѓународниот ден на студентите

Улогата на студентите во обликувањето на иднината и општеството не смее да се потцени, а Меѓународниот ден на студентите служи како потсетник за важноста на образованието, потрагата по знаење и колективната моќ на младите умови кои се трудат да достигнат позитивни промени

фото: Мета.мк

Со музика, поезија, дружење и штандови каде студентите ги претставија своите факултети, вчера во Студентскиот културен центар (СКЦ) се одбележа Меѓународниот ден на студентите. Улогата на студентите во обликувањето на иднината и општеството не смее да се потцени, а Меѓународниот ден на студентите служи како потсетник за важноста на образованието, потрагата по знаење и колективната моќ на младите умови кои се трудат да достигнат позитивни промени.

Настанот кој беше во организација на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) имаше за цел студентите меѓусебно да се запознаат и да се присетат на студентските битки од минатото. Меѓу присутните, освен студенти, имаше и претставници од сите факултети, раководството на УКИМ, Министерството за образование и граѓански организации.

Оваа година денот се одбележува со ваков настан со цел да се формира заедништво низ кое студентите ќе се запознаат, а потоа ќе можат заедно да работат на подобрување на условите за студентски живот, рече претседателот на УСС УКИМ, Александар Николовски.

Тој смета дека меѓу приоритетите за подобар студентскиот стандард треба да биде реконструкцијата на студентските домови, како и промената на политиките на стипендирање и субвенциониран студентски оброк.

„Студентскиот стандард може да биде многу подобар, а ние како студентска организација веќе имаме закажано средба во Министерството за образование и наука каде ќе ги претставиме реалните студентски проблеми и ќе притискаме да се решаваат проблемите како што е потребата за реконструкција на студентските домови, нееднаквиот третман на студентите на мастер студии во однос на стипендиите, и поголеми стипендии за сите студенти“, рече Николовски.

Новоизбраната студентска правобранителка на УКИМ Савче Ѓошева, вчера им се обрати на присутните и ги потсети на историското значење на 17 ноември, истакнувајќи дека денес се потребни млади кои ќе можат да ги критикуваат општествените текови.

„За нас денешните студенти, можеби тиранијата е апстрактна и далечна, но сепак се соочуваме со низа проблеми. Кога се соочуваме со младинска невработеност,  непрепознавање на прекршувањата на студентските права, недоволен поттик за развивање на критичката мисла што треба да е првичната функција на високото образование, тогаш како студентски организации сите наши напори треба да бидат вложени во раздвижување на студентскиот дух“, рече Ѓошева во своето обраќање.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова рече дека интернационализацијата, меѓународната соработка и дигитализацијата се приоритет во нејзината програма. Таа напомена дека знаењето денеска е поважно од кога било и оти универзитетот треба постојано да се надградува.

Ангелова стави акцент и на тешкотиите кои ги имаат студентите и рече дека пазарот на труд бара повеќе вештини од оние што им ги нуди универзитетот, но затоа е присутен Центарот за кариера, кој ќе се грижи и за практичната работа на студентите. 

„Вратите на универзитетот за вас секогаш ќе бидат отворени. Наша задача е постојано да вршиме трансфер на знаења во заедницата, а заедницата сте вие. За сè што ви е потребно, обраќајте се без воздржување и проблемите ќе ги решаваме заедно“, кажа ректорката.

По обраќањата на говорниците, следуваа музички изведби и поетски читања, а поставените штандови со претставници од секој универзитет беа расположени и отворени за прашања и разговори.

Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември, се одбележува за да се потсетиме на важноста на образованието, студентските заедници и потрагата за позитивни промени. Овој ден е ден за оддавање признание за достигнувањата на студентите, потсетување на жртвите направени во потрагата по знаење и воедно за да се валидира посветеноста за потрага по поттикнувачка образовна средина за генерациите што следуваат.