Студентите бараат итно пуштање во употреба на лифтовите во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Студентите на 4 Декември оствариле средба со директорот, каде добиле ветување дека поради редовен сервис и сертифицирање, лифтовите ќе бидат функционални од среда 6 Декември

Лифтовите во „Гоце Делчев“ надвор од функција, блок „А“ / фото: Мета.мк

Универзитетското студентско собрание на УКИМ апелираше до директорот на Државниот студентски дом – Скопје итно да се пуштат во употреба лифтовите во сите блокови на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Како што информираат од УСС, на 4 Декември оствариле средба со директорот, каде добиле ветување дека поради редовен сервис и сертифицирање, лифтовите ќе бидат функционални од среда 6 Декември.

„Кога тоа не се случи, добивме информација дека лифтовите со сигурност ќе бидат функционални до четврток 7 Декември. Во овој момент во домот функционира само еден лифт и тоа во блокот Б. Нехумано е во денешницата студентите со денови да бидат приморани да се качуваат до 14 кат во блоковите, посочуваат од УСС.

Од таму апелираат лифтовите веднаш да бидат ставени во функција, а во иднина процедурите за редовен сервис и сертификација да бидат извршувани во летниот период кога нема студенти во домот.

Мета.мк уште на 1 Декември пишуваше дека сите осум лифта во четирите згради од овој дом се исклучени и надвор од употреба, што ја нарушува секојдневната рутина на студентите, предизвикувајќи им фрустрации и непријатности.