Катастрофални услови во студентските домови, застарени административни процедури и хартиени документи на факултет, апатија и незаинтересираност меѓу студентите за вклучување во процесите на одлучување, но и лош пристап кон практичната работа – ова се само дел од предизвиците со кои се соочуваат македонските студенти во 2023 година.
Денешниот ден, 17 Ноември, во светот се одбележува како Меѓународен ден на студентите. Денеска е годишнината од нацистичкиот упад на Универзитетот во Прага во 1939 година, кога биле убиени осуммина студенти и еден професор, а над 1.200 студенти биле испратени во концентрациони логори, по што биле затворени сите чешки универзитети.
Студентите денеска не живеат во 1939 година и иако не се нападнати од нацистите, сепак се соочуваат со финансиски препреки, лоши услови за студирање и престој и други проблеми кои го кочат нивниот напредок и развој.
По повод Меѓународниот ден на студентите, ги пренесуваме пораките на претставници на неколку студентски собранија и организации, кои до своите колеги порачуваат да не се плашат да го кренат гласот и обединети да ја почнат борбата за подобар студентски стандард.
Ристо Савески, Младински образовен форум (МОФ)
Најголемите проблеми и предизвици за студентите денес:
Студентите се и треба да бидат една од движечките сили на промените во едно општество. Меѓутоа во реалноста се соочуваат со доста основни предизвици во текот на нивното студирање.
Имено студентите се пренатрупани со голем број на процедури кои го отежнуваат нивното секојдневие.
Како кај сите млади, така и кај студентите како категорија, владее голема апатија и незаинтересираност за вклучување во процесите на одлучување. Оттука иако на сите универзитети и факултети, се спроведуваат избори за факултетски студентски собранија и универзитетски студентски собранија, мал е бројот и интересот на студентите да гласаат, а уште помал на оние кои се кандидираат за членови на ФСС и УСС.
Од друга страна иако е доста подобрена ситуацијата, студентите сè уште се соочуваат со нетранспарентноста на универзитетите и факултетите. Немањето на транспарентност во носењето на одлуки, доцното известување, отстранувањето или изоставањето на студентите во процесот на носење одлуки, се само дел од предизвиците.
Во однос на студентскиот стандард, ситуацијата не е ништо посјајна. Постои голем диспаритет помеѓу студентите кои живеат во градовите каде се одвиваат студиите и оние кои треба да патуваат. Конкретно тука би ги издвоил и условите со студентските домови. Студентите кои престојуваат во студентските домови беа и се први на удар при спроведување на мерки за штедење и рестрикции.
Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови (според неодамнешно истражување на МОФ – просечната оцена за генералниот квалитет на живот во студентските домови, на скала од 1 до 5, е 2,93.), рестрикциите во студентските домови за најосновните работи како на пример забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, неработењето на лифтовите во определен период од денот и останати небулозни мерки кои единствено се на штета на студентите, па сѐ до измени на Законот за субвенциониран студентски оброк каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка.
Студентскиот оброк, помага на студентите во пребродувањето на инфлацијата и високите цени, меѓутоа не е сеопфатна мерка која ги опфаќа сите засегнати студенти.
Главно политиките на медиокритет, вродуваат само со одржување на статус кво на студентскиот стандард, што негативно се рефлектира на постојано движечките промени, високи цени и разликата во можности за вработување во Македонија и во странство.
Порака до студентите, но и до властите и креатори на „студентски“ политики:
На студентите би им порачал дека треба да ја почнат својата борба за подобар студентски живот, за подобри услови на факултетите, подобри услови во студентските домови и поголема вклученост во процесите на одлучување. Не треба да се плашат и да се срамат да реагираат дури и за најмалиот проблем со кој се соочуваат. Доколку ги оставаат работите да течат и да останат какви се, никогаш нема да се придвижат работите кон подобро и секогаш ќе се споредуваат со нивните врсници од некоја земја по белиот свет, во која има подобри услови за студирање.
На креаторите на студентски политики би им препорачал да бидат поотворени за соработка со студентите. Студентите може да донесат доста поразлична и подинамична перспектива на работите и процесите. Транспарентноста и вклучувањето на повеќе партнери во одлучувањето, може да биде само додадена вредност, а не пречка.
Исто така би им препорачал да ги кренат главите од застарените модели на функционирање кои ги имаме во рамки на нашите високообразовни институции. Меѓународната соработка може да не научи на многу нови нешта. За промена на работите не е потребно многу. Само малку повеќе волја од страна на надлежните. Студентите, професорите, веднаш ќе ја препознаат желбата за напредок.
Ана Алексова, Универзитетско студентско собрание при Универзитетот „Св. Апостол Павле“ – Охрид
Најголемите проблеми и предизвици за студентите денес:
Според мене, како студент во трета година на Факултетот за компјутерски науки и инженерство на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид, во студентскиот живот кај нас се соочуваме со повеќе предности отколку предизвици.
Бидејќи студиските програми се на англиски јазик, УИНТ претставува место каде што студенти од странските земји одбираат да го започнат своето академско патување. Со тоа се креира охрабрувачка средина која ги обединува студентите од различни делови на светот, овозможувајќи им да го развиваат своето знаење и вештини во информатиката. Нашиот универзитет поседува квалитетен кадар од реномирани професори и асистенти кои се залагаат студентите да добијат врвни знаења и вештини. Професорите се секогаш тука за да помогнат – нивната поддршка и советите се клучни за нас студентите. Во секој момент, ние како студенти можеме да ги прашаме и да се консултираме за сѐ, што создава чувство на сигурност и охрабрување во нашето студирање. Во рамките на нашите програми, имаме пристап до најновите истражувања и технологии, што ни обезбедува водечко искуство во областа на информатиката и информатичките науки.
Како претседателка на УСС УИНТ, заедно со колегите се трудиме да го направиме времето поминато на УИНТ едно незаборавно искуство за сите нас, исполнето со многу дружба и многу активности од секоја област, од културата, спортот, науката итн.
Сепак, важно е да се има предвид дека иако има многу предности, постојат и доста предизвици со кои студентите може да се соочат во високообразовниот систем во Македонија, како што се финансиските предизвици, пристапот до практична работа и други аспекти. Но, сепак вреди да се поздрави тоа што студентите продолжија да земаат субвенциониран студентски оброк, тоа што им беа покачени стипендиите. Сето ова сметам дека е резултат на сплотеноста и соработката на студентите на ниво на Македонија и сметам дека секој предизвик што ни претстои на патот ќе го надминеме сложни заедно во борба за нашите права.
Порака до студентите, но и до властите и креатори на „студентски“ политики:
На Меѓународниот ден на студентите, на студентите би им порачала да се стремат кон нивните цели, да не се откажуваат, да уживаат во учењето, а не само во резултатите и да соработуваат, бидејќи клучот на секој студент до успехот е тимската работа.
А, до институциите и креаторите на „студентските“ политики би им порачала да се дигитализира административниот процес и да се поедностави, не само за студентите, туку и за администрацијата. Исто би препорачала да се имплементираат механизми кои ќе овозможат студентската заедница да ги изразува своите ставови и потреби – активните студенти се креатори на промени!
Бленди Ходаи, Форум за образовни промени
Најголемите проблеми и предизвици за студентите денес:
Студентите во нашата држава се соочуваат со многу базични проблеми кои влијаат на квалитетот на студирањето и, воопшто, на студентскиот живот. Еве веднаш би потенцирал дека административните процедури во текот на студиите се застарени, засновани на употреба на „хартија“ при што губиме драгоцено време. Имам чувство дека факултетските раководства воопшто не го препознаваат ова заостанување зад европските искуства. Со месеци, па и години, ние од Форумот за образовни промени говориме за потреба од дигитални алатки во административни процедури, укажуваме и даваме примери, нудиме опции за решенија. Но, впечатокот ми е дека прашањето за дигитални услуги се занемарува. И понатаму редиците за заверка на семестар или пријавување на испит се долги и ние студентите сме изложени на иритирање и непотребен напор. Јавно прашувам дали живееме во 21-от век или факултетите застанале во минатиот век? Од тука се гледа смислата за прогресивност.
За студентскиот стандард, ми задавате болно прашање кое секогаш е само приоритетно во предизборните ветувања и толку. Ајде да споредиме само во регионот каква финансиска поддршка се обезбедува за студенти од прв, втор и трет циклус и овде, во нашата држава. Можам да кажам дека во моментов сме на дното по сите параметри. Цените растат и последиците ги чувствуваат сите граѓани, а особено студентите и нашите родители кои нè издржуваат. Храна, сместување, облека, тековни трошоци – премногу нè чини. Да ја реактуелизираме темата „студентски град“. Нека излезе претставник на МОН да нè просветли со факти кој град ги исполнува условите за да биде студентски град од аспект на економски стандард и квалитет на студентско домување. Одговорно ви тврдам, нема такво нешто! А да, ги има во предизборните спотови.
Порака до студентите, но и до властите и креатори на „студентски“ политики:
Моите врсници не смеаат да ја бираат комфор зоната и летаргијата. Затоа што таквиот став ќе ги следи цел живот и ќе ги прави објекти, а не субјекти кои нешто решаваат за себе. Покрај учењето и социјалниот живот, потребно е активизам, интерес и вклучување во активности кои се наменети за подобрување на нивниот статус. Да, на тој пат треба саможртва и има препреки, но нема друг начин за да се избориме за наши бенефиции кои ги заслужуваме. Секој може да одвои од своето време и да предложи иницијатива, или активно да се вклучи во иницијативи. Не мора секој да биде студентски лидер, ама секој може да даде поддршка согласно своите сили. Мислењето „дај да бидам бесшумен и да не си правам проблеми“ само им покажува на владите и универзитетските раководства дека е доволно да бидат декларативни со ветувања. Кој друг за мене треба да извојува мојата битка?! И така колективно стагнираме, се селиме и полека ја губиме државата.
Што се однесува до политичките партии кои претендираат да бидат и креатори на студентски политики, не знам дали се свесни дека нас студентите изборни програми со убави бои и раскошни реченици не нè интересираат. Тоа нека го чуваат за интерните атмосфери, политичките партии кои имаат намера да формираат влади мора да бидат во контакт со реалноста. А не во нивните кулоари да зборуваат како младите заминуваат масовно во Словенија да студираат, а во пракса тие немаат чувство за потребите на студентот. Најпрво кај себе треба да имаат критичка мисла и кадри кои ги препознаваат студентите како авангарда, а не само како гласачи.
За институциите, за кои лично мислам дека се со ослабени капацитети, треба да знаат дека ние студентите не им се обраќаме за да бидеме само сослушани. Мене не ми треба соговорник за пред него да ги изнесам моите тешкотии. Како студент, еден од многуте, ми треба некој да ми ги решава проблемите со кои се соочувам. Ви тврдам дека нашите образовни институции се самодоволни и своевидно затворени. Мора да разберат дека земаат плата и постојат заради нас, а не обратно. И дека со своето (не)постапување креираат незадоволство и придонесуваат за чекори назад од Европската унија за која сите гласно зборуваат. Посакувам да се почитуваат студентските права, да се креираат и спроведуваат политики за унапредување на студентскиот стандард со рокови, и што поскоро да бидеме третирани како интелектуалци во подем кои утре треба да ја водат државата. Помалку ветувања и бесконечни празни дебати, повеќе дела.
Анисија Угриновска, Организација за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС)
Порака до студентите:
Мојата порака до студентите и мои колеги е – борете се за тоа што го сакате максимално, не дозволувајте да бидете замолчени и вршете притисок на институциите кои се задолжени за решавање на нашите проблеми и квалитетот на високото образование. Само на тој начин како студенти ќе успееме од студирањето да го извлечеме најдоброто, а сепак да го направиме уште подобро за следните генерации.
За жал, сите ние го имавме истото прашање пред да се запишеме на факултет: дали да останам дома, во Македонија, и покрај лошите услови, или да одам во странство? Многу од тие што го одбраа второто не планираат да се вратат назад. Па затоа сакам овој ден на студентите да го посветиме на заедничката борба за подобро образование и подобар студентски стандард. Како и секогаш, бидете во чекор со генерацијата!
Александар Николовски, Универзитетско студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Најголемите проблеми и предизвици за студентите денес:
Прво како најголем предизвик би сакал да го издвојам квалитетот на наставниот процес, односно стандардот на образовниот систем. Покрај тоа, би ја потенцирал и неусогласеноста на конкретните програми со потребите на пазарот на труд во нашата земја, како и апатијата која владее кај професорите за унапредување и општо подобрување на наставата. Следствено на тоа е и недоволното вложување во развој на самите универзитети и факултети, како и нерационалното користење на средствата со кои тие располагаат. Тој проблем сметам дека произлегува од фактот дека имаме голем број на универзитети. Со потенцијалното подобро користење на постоечките буџетски средства ќе дојде и до покачување на студентскиот стандард. Добра почетна точка за тоа би била најавената реконструкција на студентските домови. Исто така, потребна е и ревизија на студентските поволности од типот на стипендии и субвенциониран студентски оброк, особено за студентите на постдипломски студии кои сѐ уште не се вработени, како и нивно стипендирање.
Порака до студентите, но и до властите и креатори на „студентски“ политики:
Како порака до секој студент би го испратил уверувањето дека УСС е, и ќе биде тело коешто ќе овозможи и ќе се стреми за реални промени во студентскиот живот. А до институциите би рекол дека активно и сплотено ќе се бориме за подобрување на студентскиот стандард и унапредување на можностите кај сите студенти!