SMART Balkans организираше посета на институции кои се занимаваат со еколошката корупција

Во нив учествуваа повеќе организации од Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои беа запознаени со државните органи и институции кои се занимаваат со еколошката корупција во Северна Македонија и со нивната досегашна работа

Членовите и гостите на SMART Balkans во посета на Советот на инспекторатите. Фотографија од официјалната Фејсбук страница на Смарт Балканс

Во рамките на регионалниот проект „Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан SMART Balkans“, вчера завршија тридневните студиски посети на тема „Опасностите од еколошката корупција во регионот на Западен Балкан – случајот на Северна Македонија“. Во нив учествуваа повеќе организации од Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои беа запознаени со државните органи и институции кои се занимаваат со еколошката корупција во Северна Македонија и со нивната досегашна работа, пишува Порталб.мк.

За време на овие посети, учесниците и претставниците од различни владини и невладини организации, ги споделија своите знаења за тоа како се решаваат проблемите со еколошката корупција во нивните земји, за да видат која земја каде и како може да го подобри својот антикорупциски систем.

На првата седница која се одржа на 17 октомври, гостите се сретнаа со Зелената собраниска група во Собранието на РСМ, го посетија Центарот за граѓански комуникации и Советот на инспекциските органи. Се разговараше за некои од суштинските аспекти во справувањето со корупцијата во областа на животната средина, заложбите во надзорот над јавните набавки и на крајот беше претставена е-платформата за инспекција на животната средина.

На втората седница која се одржа на 18 октомври имаше презентации за подигање на јавната свест за случајот со депонијата „Дрисла“, затворањето на топилницата во Велес, создавањето на механизми за борба против корупцијата во животната средина и на крај презентација за легитимирање на граѓанските организации пред судовите за прашањата поврзани со корупцијата во животната средина.

На третата и последна седница гостите ја посетија Државната комисија за спречување на корупцијата, каде се запознаа со природата на работата на комисијата и со неколку конкретни примери од презентираните случаи, а потоа го посетија Државниот инспекторат за животна средина за да се запознаат со неговата структура и да разговараат за конкретни случаи од интерес на граѓаните.