Фото: Stefano Ferrario from Pixabay

Откако словенечкиот портал „Нецензурирано.си“ денеска го објави неофицијалниот дипломатски документ „нон-пејпер“ со наслов „Западен Балкан – патот напред“, темата за прекројување на границите на Западниот балкан повторно постана главна тема во медиумите од поранешна Југославија.

Радио-телевизија Словенија денеска ги пренесе главните делови од објавениот документ на „Нецензурирано.си“, но и информациите од официјален Брисел дека таквиот документ не го виделе. И „Нецензурирано.си“ пишува дека досега никој официјално не потврдил оти претседателот на Европскиот совет добил ваков документ, иако тврдат дека документот од Љубљана го испратил премиерот Јанез Јанша во февруари годинава до Брисел, но без никаков потпис и испраќач што е наведен во текстот.

Радио-телевизија Словенија го пренесува и ставот на Европската комисија дека не е запознаена со наводниот документ, а позицијата на ЕУ за границите на регионот е јасна – ништо не треба да се менува.

Во меѓувреме, словенечката пратеничка во Европскиот парламент од опозициската Листа на Марјан Шарец, Ирена Јовева денеска на Твитер напиша дека ваквиот „нон-пејпер“ е недозволив и е во спротивност со вредностите на ЕУ и меѓународните договори.

„Ужасно е дури и да се помисли на прекројување на границите според етнички принципи на Западниот Балкан“, напиша европратеничката Јовева.

И словенечките социјалдемократи остро реагираа против ваквиот неофицијален документ, барајќи од премиерот Јанша и претседателот Борут Пахор да бидат испрашани на оваа тема на посебна седница на парламентарниот комитет за надворешна политика во словенечкиот парламент.

Самиот премиер Јанез Јанша по денешната објава на „Нецензурирано.си“ реагираше на Твитер единствено со ретвитнување на твитот на словенечкиот новинар Бојан Пожар, кој пак напиша ироничен став за „Нецензурирано.си“ дека нивното ново откритие на истражувачкото новинарство пред три дена за првпат било објавено од таблоидни медиуми блиски до власта во Северна Македонија.

И додека власта и опозицијата во Словенија се препукуваат околу постоењето и испраќањето на „нон-пејперот“, политичарите од другите земји на поранешна Југославија излегоа со реакции на можните „решенија“ што се објавени во овој документ.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ денеска во Сараево изјави дека „нон-пејперот“ за распаѓање на федерацијата е варварски и антицивилизациски обид, пренесува сараевскиот весник „Ослобоџење“.

„Единствениот геноцид во Европа по Втората светска војна беше извршен во БиХ. Сега, некои картографи сакаат да одвојуваат делови од БиХ во кои е извршен геноцид и да ги наградат оние што го направиле тоа. Тоа е антицивилизациско и не може да помине“, изјави Џаферовиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека ниту видел, ниту пак знае за некаква иницијатива за мирно распаѓање на Босна и Херцеговина. Тој во изјава за новинарите вели дека со оглед на тоа што не знае ништо за ваквиот документ не е подготвен нешто што не го видел, да го осудува или да го пофали.

Ставот на Србија кон БиХ, како што беше сугерирано, е почитување на интегритетот на БиХ, но исто така и на суверенитетот каде што има институционален суверенитет и институционален суверенитет на ентитетот, пренесува белградскиот весник „Политика“. 

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во изјава за „Радио Слободна Европа“ вели дека на неодамнешните средби со словенечкиот колега Борут Пахор не е разговарано околу евентуално прекројување на границите на земјите од Западен Балкан.

„Секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот. Претседателот Пендаровски е убеден дека ваквите идеи за прекројување на границите на Балканот нема да добијат поддршка од Европската Унија“, ја пренесува „Радио Слободна Европа“ изјавата од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Инаку, во објавениот „нон-пејпер“ се даваат „решенија“ во четири точки за прекројување на границите на Западниот Балкан – обединување на Косово и Албанија, со посебен статус на „српскиот дел“ од Косово по примерот на Јужен Тирол, обединување на поголемиот дел од Република Српска со Србија, спојување на кантоните од БиХ во кои има мнозинско хрватско етничко население со Хрватска или нивно доделување на посебен статус на „хрватскиот дел“ од БиХ преку користење на моделот на Јужен Тирол од Италија и формирање на босанска држава, во која Бошњаците ќе преземат целосна одговорност за неа и ќе одлучат дали би се приклучиле во иднина во ЕУ или ќе дејствуваат како независна држава надвор од ЕУ.

Словенечкиот медиум сепак тврди дека со новата мапа на Западниот Балкан ќе нема промени на Северна Македонија.