fbpx

Сите трагични воздухопловни несреќи на територијата на денешна Македонија

-

Авионската несреќа во која вчера кај Бегово Поле под Солунска Глава загина четиричлено семејство од Бугарија, кои летале со мал авион „Cessna P210“ е најновата во серијата воздухопловни несреќи кои се случиле на територијата на денешна Северна Македонија.

  • Најголемата ваква несреќа се случи на 22.11.1993 година, кога патнички авион „Јак-42Д“ на македонскиот авиопревозник „Авиоимпекс“ се урна поради грешка на пилотот. Во оваа несреќа загинаа 115 луѓе, а со авионот пилотираше руски екипаж. Само едно лице преживеа од овој трагичен инцидент. Авионот леташе од Женева до Скопје каде што требаше да слета. Меѓутоа поради лошите временски услови беше пренасочен кон Охридскиот аеродром на принудно слетување. Се урна во блиската Тројан Планина.
  • Втората најтрагична воздухопловна несреќа се случи малку повеќе од половина година претходно, а 1993 година е најтрагичната во македонската историја кога станува збор за авионски несреќи, со вкупно 201 загинати. Имено, на 05.03.1993 година, на полетување од скопскиот аеродром, се урна патнички авион „Фокер 100“ на компанијата „Палер Македонија“ со 97 патници. Во несреќата загинаа 86 лица. Тогаш министерот за транспорт и врски, Антони Пешев си поднесе оставка од морални прични, што е преседан во македонската историја.
  • Следна несреќа по број на жртви е онаа од 22.10.1951 година, кога авион на ЈАТ што полетал од Белград се урна на аеродромот во Скопје, при што загинаа 12 лица.
  • Една од најтрагичните несреќи на воздухоплови е онаа кај Катланово, кога на 12.01.2008 година хеликоптер на АРМ се урна кај месноста катлановско Блаце. Притоа загинаа 11 членови на екипажот и мировници на АРМ кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ.
  • Следната несреќа по број на жртви е онаа од 24.07.1992 година, кога руски карго авион „Антонов“ се урна на 26 километри југоисточно од Скопје, за време на приоѓање кон аеродромот. Авионот удри во планина близу селото Лисец. Во оваа несреќа животот го загубија 8 лица.
  • Најслична несреќа на вчерашната е онаа на Голема Богородица во Охридско. На 28.08. 2008 година авион „цесна“ се урна во месноста Скребатно кај селото Лескоец, во близина на Охрид. Во несреќата животот го загубија 4 лица – пилотот и тројца патници во авионот. Избегната е поголема катастрофа, бидејќи авионот удри во автомобил „фиќо“ во кој во моментот се наоѓаше малечко девојче.
  • Исто толку, четири лица, загинаа во трагичната хеликоптерска несреќа на 10.07.2014 година околу 22 часот, кога хеликоптер на Министерството за внатрешни работи со екипаж од четири лица удрил во предавател на Македонската радиотелевизија и се сруши на земјата. Пилотите во текот на летот не пријавиле технички проблем со леталото, кој бил еден од поновите во МВР, произведен во 2008 година. Хеликоптерот најпрво удрил во сајлите кои го држеле антенскиот столб.
  • На 17.03.2001 година, во текот на воениот конфликт во Македонија, воен хеликоптер МИ-17 удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повредени.
  • На 18.09.1995 година авион „Антонов“ кој беше ангажиран во гаснење пожари се урна во близина на Скопје. Загинаа двата члена на екипажот.
  • Секако најспоменуваната воздухопловна несреќа поврзана со Македонија, но не се случила на нејзина територија,  е онаа од 26.02. 2004 година, кога на приод кон аеродромот во Мостар загинаа македонскиот претседател Борис Трајковски, шест негови соработници и двајцата пилоти на владиниот „Кингер“. За оваа несреќа беа спроведени дури две истраги.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...