fbpx

Сите наши безбедносни бизниси со Израел

-

Каква опрема набавило МВР од Израел во 2011 година, а за која стана збор во аудиоснимките што ги објави лидерот на опозцијата, Зоран Заев? Oсвен тврдењата од едната и од другата страна, за тоа нема никаков официјален документ кој би потврдил за што точно се работи.

Зоран Заев и СДСМ остануваат на тврдењето дека станува збор за набавка на опрема за прислушување и дека за тоа директорот на УБК, Сашо Мијалков, зел провизија од речиси еден милион евра.

Шефот на тајната полиција и МВР, пак, од друга страна, тоа го демантираат и велат дека станува збор за донација од „пријателски служби, во висина од 5.557.377 евра, што била искористена за купување опрема за специјалната единица на полицијата со која е подигната нивната борбена готовност“.

Сепак, ни од МВР нема информација за каква опрема се работи бидејќи зделката била заведена под степен на класификација „државна тајна“.

Македонија и Израел повеќе години наназад имаат партнерски односи и соработка, од кои дел се познати за јавноста, додека за дел постојат само претпоставки и шпекулации.

Соработката во најголем дел од случаите се однесува на набавка на воена опрема, а како субјект од израелска страна најчесто се јавува фирмата „Елбит“.

  • 2003 година – Македонското Министерство за одбрана и „Елбит“ склучија договор за модернизација на неколку хеликоптери од типот „ми-17“ и „ми-24“. Модернизацијата на хеликоптерите почна во 2004 година и се одвиваше во неколку фази, а воздухопловите кои беа модернизирани добија современи системи за ноќно летање, визири, системи за навигација, идентификација и за комуникација, нови електронски системи во кабината, електронско управување со вооружувањето итн.
  • 2008 година – Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и израелскиот министер за одбрана, Ехуд Барак, во Тел Авив потпишаа договор „за продлабочување на соработката меѓу двете министерства во областа на безбедноста, размената на информации и на технологија“.

centar za obkuka na piloti
Груевски, Јанкулоска и Мијалков лани во февруари го посетија Центарот за обука на пилоти

  • 2011 година – Министерството за одбрана и фирмата „Елбит системс“ потпишаа договор за современ Центар за обука на пилоти за потребите на АРМ, МВР и на другите иституции, вреден 43 милиони евра. Како што беше соопштено тогаш, Министерството за одбрана за проектот ќе одвојува 5,3 милиони евра годишно во наредните осум години. Делот, пак, што го покрива израелската фирма, како што наведе тогашниот министер за одбрана, Зоран Коњановски, според договорот бил класифициран како државна тајна. Центарот за обука свечено беше пуштен во употреба лани во март. Според договорот, центарот за обука треба да премине во целосна сопственост на Министерството за одбрана, односно на Република Македонија во 2019 година. За потребите на Центарот, меѓу другото, набавени се неколку школски тренажни хеликоптери и два современи симулатори за хеликоптери.

    ebr so tavor3
    Полициски специјалци со израелските пушки во акција за апсење на првоосомничениот во случајот „Чекан“
  • 2009 – 2010 година – Специјалната полициска единица на МВР (Единицата за брзо распоредување) како дел од својата опрема ја има софистицираната израелска јуришна пушка „тавор ТАР 21“, според познавачите, „бисерот на израелската воена технологија“. Производител на оружјето е „Израели милитари индустрис“(ИМИ). Официјална информација за набавката на пушките, колку парчиња се набавени, која сума е платена за нив, кога е извршена набавката, од МВР нема. Според неофицијални информации, и во набавката на системот „Тавор“ била вклучена израелската фирма „Елбит“. Единствен доказ дека полициските специјалци ја имаат оваа пушка се снимките на акции од апсења, во кои учествуваат припадници на оваа едница. Исто така, и на интернет-страницата на „Википедија“ со резимето и со спецификациите на „ТАР 21“, меѓу земјите кои ја користат јуришната пушка, наведена е и Македонија, односно специјалната полициска единица.
  • 2010 година – Официјална потврда нема, но уште од самиот почеток на проектот „Безбеден град“, односно поставувањето на камерите на скопските сообраќајници, можеа да се слушнат неофицијални информации и шпекулации дека во проектот се вклучени израелска фирма и израелски служби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...