Штип доби интерактивни фигури со животни наменети за децата со попречености

Инсталација од четири интерактивни фигури на животни се поставени денеска во Штип, во еден од поголемите паркови во градот – паркот Пролече. Инсталацијата се состои од четири животни (жирафа, желка, нилски коњ и мече), изработени по калап од цемент и обоени во оригинални бои. Фигурите ги работеа уметници, кои во консултација со дефектолози и родители, ги прилагодија и за деца со посебности. Покрај појаснување за секоја од фигурата на македонски и англиски, напишаното е и со брајова азбука, наменето за слабовидни и деца без вид.  

„Децата заслужуваат повеќе“ е тематската акција што ја спроведе Неформалната активистичка група „Штип арт активизам“. Инсталацијата има едукативен и забавен карактер за децата да можат да научат повеќе за животните, но во позадина ја имаа пораката до граѓаните и власта, како носител на одлуките, дека во Штип постои недостаток на вакви игралишта и зелени површини, наменети и за децата со посебности.

– За спроведувањето на активностите се правени претходни истражувања и се контактирани дефектолози, уметници, активисти, претставници на здружението „Сплотени срца“ од Штип, здружение на родители на деца кои се соочуваат со потешкотии во развојот. Особен придонес за спроведување и создавање на оваа инсталација има претседателот на здружението „Сплотени срца, Зоран Мијалков. Тој даде значаен поглед на специфичните потреби на децата и на тоа како може да се задоволат потребите за безбедност, но и за забава – велат од Неформалната активистичка група.