Во Штип денеска ќе се одржи стрип-работилница

Работилницата ќе трае околу еден час, а учеството на неа ќе биде бесплатно

Извор: Александар Стеванов

На 26 септември, со почеток во 12 часот, во Американско катче – Штип ќе се одржи работилница за изработка на стрипови. Неа ќе ја води Александар Стеванов, наградуван стрип-автор и хроничар, со досега објавени девет книги на тема историја на стрипот.

На стрип-работилницата учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основите на оваа уметност – нејзината полисемичност, дефинирање, особеностите и главните градивни елементи од кои се состои – по што ќе изработат свој краток стрип.

Работилницата ќе трае околу еден час, а учеството на неа ќе биде бесплатно. На иницијатива на Благој Трајков, координатор при Американското катче – Штип, таа се организира по повод американскиот национален ден на стрип-публикациите.