Сервали и Скарлет Ибис птици пристигнуваат во скопската зоолошка градина

Наскоро во Зоолошка градина Скопје ќе пристигнат сервали и црвени птици од видот Скарлет Ибис, информираат од скопската зоолошка градина.

Сервалите се африкански предатори од семејството мачки. Сервалот е еден од најголемите претставници од седумте видови на мали мачки, кои го населуваат континентот.

Овој иден член на зоолошката градина претежно живее во Африка, во суб-сахарскиот дел на континентот со исклучок на тропските шуми. Бројот на сервалите за жал започнал да се намалува, а како главна причина за оваа состојба се наведува човекот. Модерните ДНК-анализи покажуваат дека сервалот има сродна врска со каракалот.

Вториот иден жител на зоолошката градина, птиците од видот црвен Скарлет Ибис потекнуваат од егзотичните делови на Јужна Америка и Карибите и се национално обележје на Тринидад и Тобаго. Нивната специфична боја ги прави препознатливи, а во светот имаат статус на заштитен и загрозен вид.

„Овие видови на животни се доста атрактивни за посетителите и мислам дека ќе биде интересно во Скопје да се видат сервали и Скарлет Ибис птици кои се заштитени видови. Секако, нивните живеалишта ќе бидат направени по стандарди и веќе ги подготвуваме за новите жители“ изјави директорот на скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски.