fbpx

Се вжештуваат реакциите на спротивставените страни за висококатниците кај Холидеј Ин

-

Секоја од спротивставените страни во однос на изградбата на висококатници на просторот спроти Холидеј Ин денеска излезе со пожестоки ставови во однос на темата. Жителите од Ново Маало, кои го поддржуваат инвеститорот МГ Фешн за изградба на трите висококатници, денеска до Владата на РСМ и Општина Центар доставија петиција со преку 330 потписи од жители на Ново Маало и соседи од Градски Ѕид, кои бараат да се постапи итно согласно со законите и да се овозможи изградба на станбено-деловниот комплекс.

„Ова го бараме, затоа што, за прв пат по децении талкање низ лавиринтите на системот, семејствата кои живеат во услови како од 19-от век, конечно добиваат можност за достоен живот. Со оваа петиција, даваме поддршка и на инвеститорот кој нуди обештетување на семејствата, а преку истата, најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот“, велат жителите од Ново Маало.

Тие денеска пред владината зграда рекоа дека живеат во супстандардни услови и се подготвени со оние кои им го ускратуваат правото на нормален живот да ги заменат домовите, тие да дојдат да живеат во нивните трошни куќи, а жителите на Ново Маало да се населат во нивните удобни станови.

„Бараме Опшина Центар или било која друга институција воопшто да не помислува да го суспендира планот. Ако тоа се случи, ние жителите на Ново Маало сме подготвени да излеземе на протест“, рекоа тие, заканувајќи се дека ќе поднесат и колективна тужба за претрпена штета до судот во Стразбур.

Од друга страна, пред седиштето на Општина Центар денеска беше спроведена герила-акција, при што пред дворот на општинската зграда беше поставен транспарент со содржина „Потпис за одобрение = потпис за оставка“. Герила акцијата е директна порака до градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, кој ќе мора деновиве да одговори позитивно или негативно на доставеното барање за одобрение за градење доставено од инвеститорот.

Инаку, универзитетски професори, архитекти, невладини организации и еколошки здруженија деновиве јавно се спротивставија на одлуката за изградба на висококатници, тврдејќи дека актуелниот ДУП за локацијата е во спротивност со параметрите зададени во Генералниот урбанистички план. Тие бараат да се стопира изградбата на висококатници, да се суспендира актуелниот ДУП за просторот спроти Холидеј Ин и да се пристапи кон изработка на нов детален урбанистички план.

На оваа тема, скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска не сакаше да даде изјава при потпишувањето на договорот со ЕБОР за реализација на брзиот автобуски систем. Расположен за изјава беше единствено министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој посочи дека тие не добиле од Општина Центар елаборат за суспензија на ДУП-от спроти Холидеј Ин.

„Во моментот кога ќе добиеме елаборат за суспензија, го процесуираме, нашите служби ќе постапат веднаш и ќе го вратиме во Општина Центар, така што и градоначалникот потврди дека елаборат не е доставен, тој доставил прашалник како да се изработи елаборатот. Елаборатот го изработуваат стручните служби на Општина Центар, Комисијата за урбанизам, и го доставува до Министерството за транспорт и врски“, изјави министерот Бочварски.

Владиниот портпарол Душко Арсовски денеска изјави дека Владата ќе ги почитува законите, и посочи дека тие ќе се повикаат на Законот за градба, додавајќи дека сето она што е спротивно на законот, ќе значи дека таму градба нема да има.

„Одобрението за градба се издава доколку се исполнети сите услови пропишани во Законот за градење. Со урбанистичкиот план се пропишува што е планирано со опфатот на таа локација, какви типови на надградба, колку зеленило е предвидено и каква инфраструктура е потребна“, изјави портпаролот Арсовски.

Тој нагласи дека врз основа на сите тие информации инвеститорот приложува проект и ако ги исполнува сите услови, добива одобрение за градење.

„Со Законот за градење е предвидено инвеститорот да отпочне со градење во рок од две години. Доколку не почне, може да му се одземе одобрението или ако не гради според приложениот проект“, рече тој.

Инвеститорот МГ Фешн засега е заинтересиран да гради на постојниот паркинг спроти хотелот Холидеј Ин, и тоа три висококатници од по 16, 20 и 22 ката на парцелата 1.1. Воедно, тие како инвеститор се подготвени да ги обештетат сопствениците на куќи и имоти на парцелата 1.4 од овој ДУП, и таму да го изградат планираниот јавен простор од околу 7.300 метри квадратни. На две други парцели – 1.2 и 1.3, во ДУП-от е вметната можност за изградба на 60-катници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...