Извор: Онлајн презентација на проектот „Гранд Скопје“

Инвеститорот МГ Фешн на постојниот паркинг спроти хотелот Холидеј Ин планира да изгради три висококатници од по 16, 20 и 22 ката. Станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје“ е предвидено да се гради на градежната парцела 1.1 од постојниот ДУП за локалитетот Голем Ринг јужен дел – исток.

Управителот на МГ Фешн Илија Божиновски на денешното претставување на проектот напомена дека комплексот ќе се гради во три фази, при што во првичната фаза најпрво ќе се гради кулата со приземје, 20 ката и поткровје со бруто развиена површина од 29.438 метри квадратни, додека во втората фаза ќе се гради висококатницата од 22 ката со бруто развиена површина од 27.870 метри квадратни. Овие два објекти се сместени во просторот покрај кејот на реката Вардар, додека последната зграда од 16 ката ќе биде изградена на спротивната страна од парцелата, спроти Соравија и постојната катна гаража.

Божиновски изјави дека идниот комплекс ќе биде три пати помал од она што му го дозволува постојниот ДУП на оваа локација. Тие како инвеститори се подготвени да вложат во обнова на Кејот „13 Ноември“ што влегува во рамките на овој урбанистички план, но и се нудат на Општина Центар да го изградат планираниот јавен простор на парцелата 1.4 од ДУП-от на површина од околу 7.300 метри квадратни, на којшто би се наоѓало парковско зеленило, фонтана, урбана смарт опрема и други содржини.

Изработениот проект за станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје“ денеска го претставија архитектите Мартин Пановски и Јана Гугуловска Ѓорѓевиќ од Радиус архитекти. Архитектката Гугуловска Ѓорѓевиќ објасни дека паркирањето за овој комплекс ќе биде решено со три подземни нивоа, со 969 паркинг места, кои се обезбедени во рамките на самата парцела. Во делот на станбените единици, планирано е комплексот да има околу 400 стана во кој би се сместиле 1.200 жители.

Архитектот Мартин Пановски појасни дека станбено-деловниот комплекс ќе има проектирана површина на зеленило на сите нивоа од 6.250 метри квадратни, со што се задоволуваат неопходните 20 отсто од парцелата да бидат наменети за зелена површина во согласност со актуелниот Закон за урбано зеленило. Тој посочи дека овој објект би бил првиот во земјава во кој би се применила зелена вертикална градина, што претставува светски тренд.

Пановски посочи дека возилата во комплексот ќе бидат сместени под земја, а надземно просторот ќе биде искористен за изведба на пешачка улица од идниот јавен простор на парцелата 1.4 во ДУП-от во правец кон постојниот мост кај хотелот Холидеј Ин, со што би се овозможило непречено движење на пешаците кон плоштадот Македонија и ГТЦ.

И двајцата архитекти посочија дека во актуелниот ДУП за локалитетот Голем Ринг јужен дел – исток не е предвидено да се гради училиште и градинка, но по две јавни установи – школи и градинки имало во непосредна близина на овој станбено-деловен комплекс. Според актуелниот закон, во рамките на деловен простор било кој инвеститор може да отвори приватно училиште или градинка.

Инвеститорот, но и двајцата архитекти, на одговори на новинарските прашања рекоа дека должност на Општина Центар е да го усогласува актуелниот ДУП со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Архитектот Пановски посочи и дека побарале од надлежните власти, но не добиле податок за тоа колку слободни места за ученици има во околните училишта.

Управителот на МГ Фешн Илија Божиновски истакна дека имаат поддршка и комуникација со сопствениците на објекти од Ново Маало, посочувајќи дека се отворени за соработка со останатите сопственици на земјиштето од овој ДУП, како би се овозможило заокружување на проектот. Во однос на локацијата на која ќе градат, тој изјави дека тие немаат информации во однос на спорови за денационализација на земјиште на нивната парцела 1.1 од ДУП-от, на која планираат да го градат станбено-деловниот комплекс.

Инаку, неколку граѓански организации, универзитетски професори, архитекти и медиуми денеска упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 за паркингот спроти хотелот Холидеј Ин, на која што треба да се гради овој станбено-деловен комплекс.