Десет од дванаесетте европски фудбалски клубови што го основаа натпреварувањето наречено „Суперлига“, во последните неколку часа се повлекоа од идејата за новото натпреварување. Шпанските клубови Реал Мадрид и Барселона се последните два тима кои останаа да ја бранат новата Суперлига.
Бранот на повлекување синоќа го започнаа Манчестер Сити и Челзи, кои предизвикаа домино-ефект, па нивниот пример го следеа останатите четири англиски клубови – Арсенал, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Тотенхем.
По нив, Суперлигата ја напуштија и италијанските Интер, Милан и Јувентус, како и шпански Атлетико Мадрид.
Драматичниот распад на мултимилијардерската фудбалска лига се случува неполни 48 часа откако беше објавено нејзиното основање.
Од самото соопштување идејата за фудбалската Суперлига беше дочекана со негодување од мнозинството фанови и поддржувачи на овој спорт, кои основачките тимови ги обвинија за алчност и цинизам, а формирањето на новата лига го нарекоа „смрт за фудбалот“.
Над илјада фанови на Челзи вчера протестираа пред стадионот „Стемфорд Бриџ“ во Лондон непосредно пред натпреварот на нивниот клуб против Брајтон, нарекувајќи го чекорот на Челзи „крајно предавство“ и „неопростиво“.
Сопственикот на фудбалскиот клуб Ливерпул, Џон Хенри, преку видео објавено на социјалните мрежи им се извини на сите фанови и поддржувачи на овој англиски клуб поради „нарушувањето во последните 48 часа“.
„Во последните 48 часа бевте јасни дека ова нема да издржи. Ве слушнавме. И сакам да им се извинам на Јирген (Клоп – менаџер на Ливерпул), Били (Хоган – извршен директор), на играчите и на сите кои работат напорно во Ливерпул за да ги направат нашите навивачи горди. Тие немаат апсолутно никаква одговорност за ова нарушување“, рече Хенри.
John W Henry's message to Liverpool supporters. pic.twitter.com/pHW3RbOcKu
— Liverpool FC (@LFC) April 21, 2021
Извршниот директор на Манчесер Јунајтед, Ед Вудворд, си поднесе оставка од функцијата откако стана јасно дека проектот се распаѓа.
Италијанскиот клуб Интер од Суперлигата се повлече преку соопштение до јавноста во кое се вели дека веруваат оти фудбалот треба да продолжи да предизвикува возбуда кај навивачите од сите возрасти низ целиот свет, во рамките на финансиската одржливост.
„Секогаш сме посветени на навивачите да им го дадеме најдоброто фудбалско искуство; иновациите и инклузијата се дел од нашата ДНК уште од нашето основање. Нашата посветеност со сите засегнати страни за подобрување на фудбалската индустрија никогаш нема да се промени“, стои во соопштението на Интер.
Во известувањето од Јувентус, пак, наместо извинување, на јавноста ѝ се соопштува дека причината за повлекувањето е што остантите клубови не го испочитувале договорот.
„По барањата на останатите клубови да не продолжат со проектот да се формира посебна лига, Суперлигата не може да се реализира“, стои во соопштението на италијанскиот првак.
Statement on the Super League project: https://t.co/EggnP5lFif pic.twitter.com/ZT5JBvPH47
— JuventusFC (@juventusfcen) April 21, 2021
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој истовремено требаше да биде претседател на Суперлигата, претходно во интервју за шпанска спортска емисија рече дека оние што ќе се повлечат од Суперлигата може да претрпат законски последици.
„Договорот од Суперлигата е обврзувачки. Никој не може да замине, ќе работиме сите заедно. Сите клубови ги потпишаа договорите минатата сабота“, изјави Перез во понеделникот.
Од Суперлигата инсистираат дека нема да се откажат од идејата за проектот и велат дека ќе ги разгледаат „најсоодветните чекори за да се преобликува проектот“.