Фото: Мета.мк

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање вчера, само половина или 4.500 се појавиле за вакцина.

Тој смета дека одѕивот за вакцинирање треба да биде поголем и апелира до граѓаните да се пријавуваат на сајтот „вакцинација.мк“ за кој вели дека функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето.

„Ќе видиме денеска како ќе се одвива процесот. Во текот на вчерашниот ден од девет илјади граѓани коишто добија термин насекаде во државата, околу 4.500 граѓани се пријавеле за вакцинација. Ќе се обидеме денеска да видиме и да го идентификуваме проблемот. Можеби  заради тоа што е прв ден, можеби заради тоа што е почеток на ваков систем на вакцинација во места за масовна вакцинација насекаде низ државата. Искрено, верувам дека одѕивот нема да биде ваков понатаму. Апелирам сите граѓани да се пријават на сајтот вакцинација.мк,“ изјави Филипче.

Тој смета дека треба да се заокружи процесот на вакцинација на министрите имајќи предвид дека имаат закажано патувања, а најави и продолжување на вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура.