Се излеа јаловина од рудникот „Саса“ во Каменичка река, штетата допрва ќе се утврдува

Јаловина од рудникот „Саса“ се излеа утрово и ја потемне Каменичка река. Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина во моментов се на терен во Македонска Каменица, а по увидот ќе се знае големината на штетата која им е нанесена на водата и животната околина.

Според соопштение од управата на рудникот, инцидентот се случил рано утрото откако заради дефект на насипот на јаловиштето број четири, јаловишни води се излеале во локалниот речен тек.

„Набргу по дефектот истекувањето е запрено и состојбата е нормализирана. Професори од рударскиот факултет во Штип и градежниот факултет во Скопје, заедно со стручни екипи на компанијата, отпочнаа детална истрага за да ги утврдат причините за инцидентот“, информираат од Саса.

Од таму велат дека првичните резултати од нивната истрага покажале дека дефектот не е закана за здравјето и безбедноста на вработените во рудникот и на жителите во околината, но тоа останува дополнително да се утврди.

Од Државниот инспекторат за животна средина, за Мета потврдија дека се веќе на местото на инцидентот во Македонска Каменица, но подетални информации колкави се штетите ќе има по завршувањето на увидот и испитувањето на мострите од загадената вода во реката.