Граѓаните во Штип се вклучуваат во враќањето на демократијата во Македонија. Каква била инволвираноста на штипскиот универзитет во матни зделки со власта и како бизнисмените во Штип кои не сакаат да соработуваат со власта се притискани од неа, како за вработување на Универзитетот „Гоце Делчев“ е доволно само некој да се повика на Антонио Милошоски, се дел од разговорите што ги презентираше претседателот на општинската организација на СДСМ во Штип, Владимир Милошев, на денешната прес-конференција.
Во телефонски разговори меѓу пратеникот Антонио Милошоски и ректорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, Саша Митрев, се договара вработување на човек близок до Милошоски, кој прво би почнал да волонтира таму, а потоа би се вработил.
Во првите неколку аудиоснимки можеа да се слушнат и телефонски разговори меѓу пратеничките Силвана Бонева и Надица Танчева, во кои се договара упис на универзитетот на Бонева, која самата тврди дека тоа е срамота, а Танчева вели дека „ќе се истера работата“.
Силвана Бонева и Надица Танчева разговараат за поранешниот градоначалник на Штип, Зоран Алексоски. Сличен разговор се води и меѓу Влатко Костадинов и шефот на Царинската управа, Влатко Мијалков, според кој поранешниот градоначалник е чуден човек, а некои сметаат дека „нешто не е во ред со паметот“.
Во аудиоснимките од разговори меѓу министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеникот Александар Николовски, се коментира за сегашниот градоначалник Илчо Захариев, па може да се слушне дека, според нив, Захариев е „невиден бандит“.
На прес-конференцијата беше објавен и разговор во кој секретарката на Никола Груевски бара во Штип „да се забрза акцијата, особено неопределените, сите по список, да се извадат на гласање“.
Миле Јанакиески и Ванчо Костадиновски договараат пензионерите да ги однесат на викенд во Грција и во Србија и да ги задржат на граница за да не гласаат.
Миле Јанакиески вели дека не може да се смета на претседателот на општинската организација во Центар, бидејќи за него „тој е глуп“ и додава дека нивните ќе ги остави.
Ставрески и Јанкулоска за Јанакиески се изразуваат со најпогрдни зборови („копиле“ и сл.) и на крај заклучуваат дека е „лоша копија на Никола“.
Во разговор меѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се споменува и вицепремиерот Владимир Пешевски.
Министерката се жали дека таа оди секаде каде што треба како магаре да се работи, а тој оди секаде каде што треба за сликање.
Во друг разговор Јанкулоска и Ставревски за вицепремиерот Владимир Пешевски велат дека е „дебело ѓубре, безобразен и нечесен човек, хипо, куп месо, многу злобно човечиште“.
Во разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер се открива дека Антонио Милошоски тајно гради куќа, во медитерански стил. Протоѓер потврдува малверзации од страна на Милошоски, околу земјиштето на кое се гради куќата, но и околу пријавувањето на друг имот на Милошоски.