Пратеничката група на СДСМ денеска поднесе иницијатива за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов поради неговата одлука за помилување на сите политичари за кои има предистражни, истражни постапки или правосилна судска одлука. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, ги повика пратенички групи да се приклучат на иницијативата и да ја поддржат затоа што сите политички партии биле против одлуката на Иванов.
– Иванов вчера му зададе смртоносен удар на Договорот од Пржино и на демократијата во земјава. Со поддржувањето на оваа иницијатива, другите пратенички групи ќе покажат дека навистина го мислат тоа што го кажаа вчера и дека немаат некаков премолчан договор со Иванов. Тој со оваа одлука покажа дека е директен учесник во злосторничкото здружување – рече Сугаревски.